Швајцарските здравствени власти потврдија дека починало десетмесечното бебе кое од Клиниката за детски болести во земјава во понеделникот ноќта со специјален авион беше однесено во Швајцарија, објави порталот Нова ТВ.
Веста ја потврди Стефан Кустер, шеф на одделот за инфективни болести при Сојузната канцеларија за јавно здравје, кој на прес-конференција во Берн рече дека бебето се заразило со коронавирус во странство и дека случајот се истражува.
Кустер не кажал повеќе детали за случајот и дали вирусот е директна причина за смртта.
-Еден тажен настан, треба да ја пријавиме смртта на едно дете. Бебето кое живееше во кантонот Аргау, се заразило во странство – изјави тој..
Кантоналниот доктор на Аргау, за швајцарската национална телевизија СРФ рече дека бебето починало по воспаление на мозокот и се бара причината за смртта и поврзаноста со Ковид-19.
Порталот НОВА дојде до извештајот од КТМ, каде што меѓудругото стои дека има „интравертикуларни маси и нагласен интерен хидроцефалус“, како и тоа дека се потребни понатамошни испитувања.
Во Македонија не е направена магнетна резонанца бидејќи бебето било позитивно на Ковид-19, а во тек биле преговори за тоа да биде транспортирано во Швајцарија каде што требаше да бидат направени сите потребни и дополнителни испитувања.