Почина Атина Апостолова, ќерка ѝ се прости со неа: Легендите никогаш не умираат!

by Fokus

Денес во својот дом во Скопје била пронајдена почината популарната фолк пејачка Атина Апостолова. Таа во мај требаше да наполни 78 години, а како што откриваат нејзини колеги, неодмна имала здравствена интервенција, но по истата се чувствувала добро. Затоа веста за нејзината смрт ги затекнала.

Нејзината колешка и блиска пријателка Вики Среброва за ,,Фокус” вели дека денес таа дошла кај неа, но откако никој не и отворил, а внатре телевизорот бил пуштен, се загрижила и и се јавила на сестрата на Атина.

Потоа, нејзини блиски роднини дошле, го скршиле прозорецот, влегле внатре и ја пронашле почината.

За професионалниот живот на Апостолова се знаеше многу, бидејќи беше присутна на сцената повеќе од четриесет години. Ги остави хитовите „Запејте мераклии“, „Цела вечер ќе ти пејам“, „Верувај ми“, „Усни румени“, „Те видов, и се заљубив“, „Иле Илија“ и многу други.

Имаше голем број на настапи и турнеји, и своевремено беше многу блиска со легендарниот Јонче Христовски. Настапуваше со Никола Бадев, Александар Сариевски, Круме Спасов… Иако економист по професија, животот го посвети на музиката.

Кога е приватниот живот во прашање, Атина зад себе ја остави ќерката Жаки Стојановска, која со семејството живее во Гевгелија.

-Болката е голема мајко, солзите течат, но ти не напушти. Почивај во мир, легендите никогаш не умираат – објави таа денес на социјалните мрежи.

Минатата година Атина доби награда за животно дело на фестивалот ,,Тумба Фест” во Куманово.

Вики Клинчарова

Поврзани новости