Американскиот новинар Тери Андерсон, кој беше заложник речиси седум години во Либан за време на граѓанската војна во земјата, почина на 76-годишна возраст.
Андерсон почина вчера во Њујорк во својот дом.
Тој беше главен дописник на АП за Блискиот Исток кога беше киднапиран од исламски милитанти за време на либанската заложничка криза во 1985 година, јавува Би-Би-Си.
“Никогаш не сакаше да го нарекуваат херој, но сите продолжија да го нарекуваат така. Иако животот на татко ми беше обележан со екстремни страдања за време на неговото заробеништво, тој најде мир во последните години”, вели неговата ќерка Салом Андерсон.
Таа додаде дека Тери Андерсон би сакал да биде запаметен по неговата хуманитарна работа со Виетнамскиот детски фонд, Комитетот за заштита на новинарите и помагањето на бездомните воени ветерани.
Андерсон беше киднапиран на 16 март 1985 година и помина шест години и девет месеци во подземен затвор. Поголемиот дел од времето бил врзан и со врзани очи, а бил со повеќе од 100 други луѓе кои биле киднапирани.
Ослободен е во 1991 година, кога заврши граѓанската војна во Либан, по што до 2015 година беше професор по новинарство на неколку американски универзитети.