Почина Аљоша Исмаиловски Аљо, македонскиот музичар, препознатлив во јавноста како басистот од култната група „Лева патика“.
Веста за смртта на Аљо на социјалните мрежи ја објави неговата сопруга Елена. Со зборовите – Продолжи да чекориш на некое поубаво место и искачи се по твоите Stairway to Heaven (скалила до рајот), таа се прости од него.
Ги информираше сите кои сакаат да се простат од него, дека тоа можат да го сторат утре, вторник, во 14 часот во капела број еден, на градските гробишта Бутел.
Инаку, Аљо и ,,Лева патика” и ја оставија на македонската музичка сцена песната ,,Неправда”, еден од најголемите домашни забавни хитови, нумера која и до денешен ден се уште се слуша, но и се обработува од страна на многу пејачи.
„Лева патика“ по долга пауза се огласи во јавност пред околу 12 години, кога го издаде албумот „Круг“. Стануваше збор за албум со осум песни, кој бил снимен пред речиси 30 години. Членови на бендот кои работеа на новиот албум беа Гранит Таќи-вокал, Рамиз Јусуфи–Цики, клавијатури, Аљо Исмаил, бас гитара и Драган Грујевски, гитара, а имаа и неколку гости на истиот.
Последниот албум им беше целосно самофинансиран, а слушателите можеа слободно да го симнуваат од глобалната мрежа.
Од „Лева патика“ тогаш порачаа дека немаат план да работат на нови материјали и дека албумот е последното нешто од групата. Кажаа дека тие се зафатени луѓе, секој со своите обврски и дека сакаат да ја остават музиката на помладите генерации.
Вики Клинчарова