Почина академик Цветан Грозданов – министер за култура во првата влада

by Fokus

Почина академик Цветан Грозданов, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.

Грозданов е роден во Охрид, во 1936 година. Дипломирал и докторирал на групата за историја на уметноста на Филозофскиот факултет во Белград, а специјалирал византологија во Париз.

Беше долгогодишен професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Беше првиот министер за култура во независна Република Македонија и во еден период претседател на Македонската академија на науките и уметностите. За своите дела носител е на многу титули и награди.

Во целокупниот опус на академик Цветан Грозданов е присутен интересот за  византиско-словенските културни врски, пред сè во ликовната уметност, почнувајќи од св. Кирил и Методиј и св. Климент Охридски пa сè до XIX век.  Хронолошкиот распон на материјата што ја проучува е мошне широк и ги опфаќа спомениците од времето на св. Климент Охридски, Самоиловата држава, Охридската архиепископија до времето на Преродбата. Најголем дел од неговиот опус се однесува на откривањето, идентификувањето и проучувањето на портретите на св. Кирил и Методиј и нивните ученици – св. Климент, св. Наум, св. Горазд, св. Сава, св. Ангелариј.

Погребот ќе се изврши на Градските гробишта во Охрид на ­­1 април (недела) во 14 часот, а неговите посмртни останки ќе бидат изложени во капелата во Охрид од 13 до 14 часот.

 

Поврзани новости