Регионалното музичко талент шоу „Ѕвездите на Гранд“ речиси две децении ги привлекува гледачите од Балканот пред малите екрани. Учесниците во натпреварот добиваат инстант популарност, победниците пак добиваат вредни награди (на почеткот главната награда беше опремен стан во Белград, последните години наградата е автомобил), како и снимање на песна и видео запис.
Им се отвораат вратите кои водат до успехот, со самото тоа што добиле можност да ги слушне и да ги запознае целиот регион, а потоа, по завршувањето на шоуто, во која насока ќе се движи нивната кариера и дали ќе ја оправдаат победата, зависи исклучително од нивниот талент, амбициозност и професионалност.
Деновиве гледачите на шоуто од Македонија ги израдува победата на младата струмичанка Славица Ангелова, на која вчера од општината и организираа свечен пречек во градот. Но, Славица не е единствената Македонка која победи на ,,Ѕвездите на Гранд”. Пред шест години и охриѓанецот Ристе Ристески ја однесе победата, според гласовите од публика. Иако има редовни настапи, младиот пејач сепак се уште нема снимено голем регионален хит.
Првиот победник на шоуто беше Бранислав Мојиќевиќ, кој во тоа време беше средношколец. И тој не направи импресивна кариера по големата победа и по прогнозите за голема регионална популарност.
Милица Тодоровиќ, која победи на шоуто со само 15 години, е една од успешните победнички, која и денес е актуелна со настапи, а сними и повеќе песни кои станаа хитови и имаат стотици илјади прегледи на музичкиот канал Јутјуб.
Душан Свилар е уште еден победник на натпреварот, но музичарот не се експонира премногу. Вработен е во театар, а повремено се појавува на музички фестивали.
Дарко Лазиќ, кој победи по завршувањето на средното училиште и доби стан од Гранд Продукција, се уште е актуелен на сцената, има настапи, сними два албуми, а неговиот начин на живот ги полни насловните страници во медиумите. Од разни сообраќајни прекршоци, до бурен љубовен живот, е она по кое Лазиќ остана препознатлив.
Стефан Петрушиќ беше победник кој исто така освои стан како главна награда. Ретко има настапи, бидејќи работи како адвокат.
И Дарко Мартиновиќ е победник на шоуто кој повеќе не е актуелен на сцената. Сними песна пред неколку години, и повремено настапувал во локали.
Босанскиот победник Амар Гиле ја искористи победата на натпреварот и продолжи активно да се занимава со музика. Чест гостин е и во Македонија и има редовни настапи во локали, па дури и на општински манифестации.
Мирза Селимовиќ исто така стана препознатливо име по победата во шоуто. Има редовни настапи, промовираше албум, а сними и повеќе дуети со свои колешки. Важи за скромен пејач, кој се пронајде во водите на поп музиката.
Харис Берковиќ е уште еден босански пејач кој победи на ,,Ѕвездите на Гранд”. Сними дуети со Рада Манојловиќ, со која беше во врска во минатото, но се уште нема снимено албум.
Ибро Бублин, Алекса Перовиќ и Анид Ќусиќ се дел од победниците, кои и покрај популарноста, не направија голем хит, и често објавуваат обработки на популарни песни.
Џејла Рамовиќ е победничка која со помош на шоуто успеа да стане препознатлива на сцената, и има редовни настапи во регионот.
На листата со победници се и Махир Мулалиќ и Нермин Ханџиќ. Махир сними една песна, а Нермин, кој инаку бил фудбалер, и победи минатата година, се уште се нема истакнато со впечатливи авторски материјали.
Вики Клинчарова