Побаран притвор за седум лица за спомениците од „Скопје 2014“

by Fokus

Против седум лица е предложен притвор, побарани се претреси, замрзнување на банкарски сметки и удели во компании, постапки за одземање на имот за случајот со изградба на споменици од „Скопје 2014 “, рече обвинителот Љубомир Лапе од ОЈО за Гонење организиран криминал и корупција.

На прес конференцијата на која го презентираше случајот под кодно име „Феникс“  обвинителот Лапе рече дека за истрагата побарале правна помош од пет странски држави, а истрагата се однесува на 15 физички и 7 правни лица, межу кои еден државјанин на Италија и три италијански правни лица.

За злопотреба на службена должност и овластување за проектот „Скопје 2014“ за кој како што рече Лапе нема никаков документ, ниту проект, ниту програма на Влада, осомничени се поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот вице-премиер и министер за финансии Зоран Ставрески, пораншната министерка за култура, а претходно државен секретар во Министерството за култура Елизабета Кнческа-Милевска, потоа поранешните градоначалници на Општина Центар Виолета Аларова и Владимир Тодоровиќ, поранешниот претседател на Советот и советник во Општина Центар Владимир Здравев.

Тој кажа дека дел од осомничените се обвинети и за перење пари, кои формирале група и преку оф шор компании внесувале и подигале пари кои се од кривични дела

„Истрагата се однсеува само за 11 споменици од проектот ’Скопје 2014’, меѓу нив е Воинот на коњ, потоа спомениците на лавовите на мостот Гоце Делчев, спомениците на Јустинијан, Даме Груев, Никола Карев, Основачите на АСНОМ. Тие споменици се во сопственост на Општина Центар, иако во суштина треба да бидат во сопственост на Собранието на Република Северна Македонија, бидејќи се работи за меморијални споменици. Кој понатаму ќе се грижи за нив, бидејќи сега се дел од истрага е инстерсно прашање“, рече Лапе.

Обвинителот одговарајќи на новинатрско прашање рече дека предметите не се застарени,. бидејќи е почната истрага за нив и објасни дека овој предмет го работеше претходно Специјалното јавно обвинителство, а тој работи на него од 2016 година.

Според истрагата осомничените нелегално од буџетот на Република Македонија и од буџетот на Министерствоито за култура незаконски префрлиле пари на Општина Центар за капитални инвестиции од над 3 милијарди денари или над 57 милиони евра.

Тој објасни дека за поранешниот градоначалник на Центар Владимир Тодоровиќ, кој доцна синоќа е уапсен, не побарале замрзнување на банкарски сметки и одземање на имот и дека тој не е осомничен за перење пари.

„Тодоровиќ е осомничен за слоупотреба на службената положба и овластување од втора половина на 2007 до 2013 година кога се правени јавни набавки и плаќани спомениците“, рече обвинителот Лапе.

Поврзани новости