Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Осомничените на 13-ти декември неовластено заради продажба држеле 13,59 грама наркотична дрога – кокаин.
– Дел од дрогата била пронајдена при личен претрес кај првиот осомничен. Истиот ден при претрес во неговиот дом било затекнато и второто осомничено лице кое се обидело да фрли дел од дрогата и една дигитална вага во печка на дрва. Кај осомничените биле пронајдени и одредени парични средства за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривичното дело и истите се одземени, се вели во соопштението од ЈО.
Со оглед на тоа што постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и страв дека осомничените можат да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.