Кривичниот суд утре ќе одлучува по жалбата на Обвинителството за неодредувањето мерки притвор на четворицата уапсени за упадот во просторите на М-НАВ, на 4 јануари годинава.
Оттаму потврдуваат дека добиената жалба ја доставиле на одговор кај адвокатите на осомничените. Рокот истекува утре кога и најверојатно ќе се знае дали Кривичен ќе ја потврди првичната одлука или, пак, ќе ја преиначи.
Кривичен суд одлуката да им определи полесни мерки на осомничените ја правдаше со тоа дека во тој момент не произлегувало дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени со кривично дело „загрозување на воздушниот сообраќај“, односно дека Обвинителството не доставило доволно докази.
Сепак, од Обвинителството во жалбата велат дека ги приложиле сите докази дека постои реална опасност тие да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци и да го повторат делото, односно се задржале на она што е предмет на оваа фаза на постапката односно обезбедување на осомничените.
– Во однос на обележјата на кривичното дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од КЗ опишано во ставот 2 oд тој член, тие се исполнети со самата можност да се загрози безбедноста на аеродром за меѓународeн воздушен сообраќај со акт на насилство и не е неопходно да настапила катастрофална штетна последица во смисла на тешка повреда, смрт или уништување – велат оттаму.
Засега нема одговор дали со истрагата ќе биде опфатена агенцијата и лицата кои ја обезбедуваат зградата на М НАВ, а кој дозволиле на лица кои не се вработени да упаднат.
Четворицата уапсени имаат обврска да се пријавуваат во судот и не смеат да ја напуштаат земјава, а по останатите четворица кои учествуваа во упадот интензивно се трага, велат од МВР.