По завршување на истрагата МВР ќе открие детали за „исчезнатата“ марихуана во Арачиново

by fokus

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека изминатите сто дена има зголемување на откривачката дејност на наркотици во земјава, на што, како што рече, се должат и честите известувања во билтенот за откриена и запленета дрога.

Тој ова го кажа давајќи отчет за сработеното во првите сто дена на Владата во делот на Министерството за внатрешни работи, а одговарајќи на новинарско прашање на МИА да даде коментар поради се позачестените објави во билтените за заплена на марихуана, дали станавме држава во која марихуаната е предоминантна и дали сме крајна дестинација или транзит земја за натамошна препродажба.

Во јавноста актуелен е случајот за два тони марихуана кој од Валандовско беа украдени, а потоа полицајата вршеше претреси во Арачиново и други локации, но пронајде само дел од наркотикот. На почетокот на месецов полицијата заплени и 53 килограми марихуана во селото Калишта, а билтените секојдневно информираат за други случаи на приведени лица и запленета марихуана.

-Геостратешката позиција на Република Северна Македонија има многу бенефити за граѓаните, за државата, но создава и многу проблеми ако гледате не само преку шверцот и трогвијата со наркотични средства, туку и преку миграцијата или тероризмот. Тоа се се предизвици од безбдедносен аспект кои што стојат пред нас, рече Спасовски.

Тој нагласи дека ова не е појава која сега бележи некакво зголемување, туку, како што рече има сериозни зголемување на октривачката дејност во овие сто дена.

-Тоа говори дека имаме заплена на марихуана, имаме заплена на хашиш, имаме заплена на кокаин, имаме заплена на таблети, заплена на синтетичка дрога, значи секаков вид на наркотични средства, кои што минуваат. Веќе се разбиени и две организирани криминални групи кои се занимаваат со трговија на наркотични средства, дури поврзани и со државјани на Албанија и Турција. Така да многу посветено работиме во овие сто и тоа ќе го правиме и во наредниот период, посебно колегите во одделот за организиран криминал и за крим полиција, каде интензивно работат на спречување на трговијата со дрога, истакна Спасовски.

МВР во координација со јавното обвинителство на 7 и 8 овој месец презеде низа мерки и активности за расветлување на разбојништво извршено меѓу 3 и 4 декември во Валандовско, во кое се одземени 2 тони марихуана. Извршени беа претреси во Арачиново, Горно Мојанци и други локации, при што е пронајдена дел од дрогата. Дел од осомичените беа приведени, полицијата досега има обезбедено докази за шестмина осомничени лица, но истрагата се проширува, изјави тогаш портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Министерот Спасовски денеска не сакаше да изнесува повеќе детали за овој случај. Напомена само дека истрагата се уште трае и оти кога ќе заврши јавноста ќе биде информирана за сите детали во врска со овој случај.

Според информациите во медиумите, фирмата од која била украдена марихуаната е Херб Индустри, која има лиценца за производство на марихуана од 2018 година. Се проценува дека украдените два тона марихуана чинат околу шест милиони евра, а доколку се произведе масло од канабис цената би достигнала до 10 милиони евра. Марихуаната била подготвена за производство на масло од канабис за медицинска употреба.

Поврзани новости