Откажан е концертот на Владо Јаневски, кој требаше да се одржи на 27-ми декември во салата „Јане Сандански“ во Скопје. За истиот не е прецизиран нов датум, туку од Авaлон Продукција информираа дека ќе се одржи на пролет наредната година.
Како причина за откажувањето, од продукцијата ја наведуваат здравствената состојба на пејачот, но и одредени технички проблеми.
– Поради новонастаната здравствена состојба на Владо Јаневски, по која нема стопроцентна сигурност дека ќе биде способен да го одржи закажаниот концерт на 27-ми декември, како и поради одредени технички причини кои ги има овој проект во моментов, заедно со Владо донесовме одлука концертот да се одржи во периодот март-април 2025, истакнаа од Авалон.
Додаваат дека купените влезници нема да важат за новиот датум на концертот, а средствата ќе бидат рефундирани од страна на сервисот од каде што се купени.
Ова не е првпат Јаневски да откаже, односно одложи концерт поради здравствени причини. Во 2018 година тој најави голем концерт по повод 25 години кариера, кој требаше да се одржи на први јуни на стадионот на АРМ.
Тогаш од Авалон соопштија дека концертот се одложува поради здравствената состојба на пејачот, и најавија одржување на истиот на есен, истата година.
Но, наместо тоа, Владо одржа концерт дури наредната 2019 година, на пролет, во Арена Борис Трајковски.
За откажаниот концерт во 2018 година, музичарот кажа дека имал посилна настинка и не сакал уште повеќе да се доразболи.
Вики Клинчарова