Фолк пејачката Сања Гроздановска е позитивна на Ковид-19. Ова е втор пат во изминатите седум месеци како таа се инфицирала со вирусот, а за ,,Фокус” појаснува дека е со блага клиничка слика, на домашно лекување.
-Да, по втор пат сум позитивна на корона вирус, но не сум хоспитализирана, како што се објави во некои медиуми. Со блага клиничка слика сум, тоа го потврдуваат и наодите. Имам покачена температура, кашлица, примам инфузии. И пред седум месеци, кога бев инфицирана, поминав слично, со истите симптоми – раскажува Сања.
Вели дека на 11-ти овој месец ја примила првата доза од вакцината против Ковид-19, а по два дена и се покачила температурата. На почеток, помислила дека станува збор за реакција од вакцината, но кога започнала да кашла, се посомневала дека се работи за нешто друго.
-За покачената температура мислев дека е нормална реакција од вакцината, но кашлицата беше јасен знак дека нешто друго се случува. Ете, по втор пат во рок од седум месеци сум позитивна на корона вирус, во домашна изолација сум, се лекувам, одморам. Роденден и е на ќерка ми, жал ми е што вака се случи токму за роденденот, и двете ќеркички се сега со баба им, но се надевам дека за кратко време ова ќе биде зад нас и ќе надоместиме за пропуштеното – вели убавата пејачка.
Апелира до сите максимално да се придржуваат до мерките за заштита, бидејќи како што е случајот со неа, вирусот може да нападне и по втор пат.
-Без разлика дали некој е прележан или пак вакциниран, мора да се почитуваат мерките за заштита. Чувајте се! Мало невнимание може да доведе до вакви ситуации, и гледам дека на сите ни преостанува сами да се заштитиме себе и блиските, бидејќи и кога се вели дека се работи за блага слика, сепак не е се така лесно и едноставно. Температурата и кашлицата исцрпуваат, тоа го почувствував на своја кожа – раскажува Гроздановска.
Таа требаше вечерва да настапи на манифестацијата за избор на Летен фолк хит 2021, која се одржува во Новаци, под покровителство на општината и градоначалникот. Жали што нема да може да се појави пред публиката, но верува дека за кратко време болеста ќе биде зад неа.
-Се радував на дружбата со публиката, но ќе има и други слични фестивали во иднина. Здравјето е приоритет секогаш. Изминатиот период имав настапи, се дружев со народот по подолгата пауза која беше актуелна кога беа настапите во живо во прашање. И пред кризата јас имав редовни гостувања, така да од финансиска гледна точка не можам да кажам дека бев во незавидна состојба, бидејќи кога некој редовно настапувал, нормално е дека треба и да има заштеда, но тешко ми паѓаше таа разделеност со публиката.
Токму контактот со публиката и таа емоција и поврзаност за време на настапите, беше она кое многу ми недостигаше додека траеше забраната за настапи. Да се надеваме дека состојбата ќе биде под контрола и ќе се најдат начини музичарите да можат да си продолжат со работа – ни изјави Сања.
Вики Клинчарова