Поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски, како и Методиј Стојменовски и Ненад Ѓорѓовски исто така вработени во ЕЛЕМ, се прогласени за виновни, за дел од кривичните дела кој СЈО им ги ставаше на товар, а како обвинети во случајот „Тарифа“ на СЈО. Обвинетите се гонеа за за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.
Сите тројца се осудени на казна затвор од три години, рече судијката Софче Гаврилова-Ефремова, која додаде дека осудените се должни да ја надоместат и предизвиканата материјална штета.
Судијката истакна дека во текот на судската постапка биле изведени 327 докази предложени од СЈО.
Според обвинителството, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластувањето во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.
Сите обвинети на почетокот на судењето се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Обвинителот Трајче Пеливанов во воведните говори за предметот рече дека обвинетите ја злоупотребиле службената положба за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на АД „ЕЛЕМ“ со што ѝ причиниле имотна штета на компанијата од 456.560 евра.