По тешката сообраќајна несреќа, Зоран Маџиров веќе шест месеци во кома

by Fokus

Популарниот музичар од Струмица, Зоран Маџиров, познат во светот и како ,,Човекот со шишињата“, поради својата невообичаена умешност да свири на шишиња, чаши и останати несекојдневни инструменти, сеуште е во кома по тешката сообраќајна несреќа која што ја доживеа во октомври, минатата година.

Веста ни ја потврди неговата сопруга Ели Маџиров, која што постојано бдее над него, надевајќи се дека тој ќе се разбуди и ќе заврши кошмарот низ кој што минува нивното семејство во изминативе шест месеци.

,,Сеуште не сум спремна  да зборам, иако поминувам низ пекол. Посветена сум само на Зоки и се снаоѓам само со помош на неколку блиски пријатели. Би сакала да си ја зачуваме приватноста во овие моменти, но свесна сум и дека народот има право да знае што се случува. Вистината е дека мојот сопруг е сеуште во кома, поради тешки повреди на главата. Се молиме за најдоброто’’ – вели таа.

Несреќата на Маџиров се случи кога неговиот автомобил ,,мерцедес’’ бил удрен од тешко моторно возило – влекач превртен на патот. Сообраќајката се случила кај ,,Пилав Тепе“ на патот помеѓу Струмица и Радовиш.

Според информациите кои што тогаш беа објавени во повеќе медиуми, Маџиров во коматозна состојба бил пренесен во струмичката болница, а од таму итно бил префрлен на КАРИЛ во Скопје.

Веднаш по несреќата, ,,Фокус’’ ја контактираше неговата ќерка, Нина Маџиров, која што тогаш ни изјави дека тоа се тешки моменти за целата фамилија, и како се молат за најдоброто.

Маџиров е роден во музичко семејство, и првите знаења од светот на музиката ги добил од својот татко. Студирал во Германија и има многу настапи зад себе. Публиката секогаш ја воодушевувал со своите виртуозни изведби на необични инструменти, а поради уникатното свирење на шишиња и чаши, го доби прекарот ,,Човекот со шишиња“.

Инаку, Зоран е роден брат на легендарниот актер Игор Маџиров, познат како детето со црвена коса, кој што почина пред 16 години, на триесетгодишна возраст, кога во нејасни околности си го одзеде животот скокајќи од балкон во Скопје.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости