По текстот на „Фокус“: Антикорупциска ќе го испитува народниот правобранител Иџет Мемети

by fokus

По текстот објавен во неделникот „Фокус“ „Омбдусманот Иџет Мемети или деспотот од Раковец“, во Државната комисија за спречување на корупција стигнала анонимна пријава во која се бара Комисијата да испита дали е реална сумата што ја плаќа институцијата Народен правобранител за изнајмување на деловен простор на улица „Македонија“ којшто е во сопственост на „Макошпед“.

Претседателката на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска за „Фокус“ потврди дека до нив е стигната пријава, но засега не е разгледувана. Се очекува таа биде распределена кај член на Комисијата кој ќе ја испитува пријавата, односно ќе ја побара и ќе ја истражува документацијата за закуп.

Според податоците што можат да се добијат од алатката за пребарување „Отворени финансии“, а коишто ги објави „Фокус“ институцијата му плаќа на „Макошпед“ кирија од 17.000 евра месечно за нешто помалку од 1000 квадратни метри на улица „Македонија“. Во истата зграда на улица „Македонија“ број 19, има и други корисници (Агенција за иселеништво, адвокатски канцеларии,.. кои наводно плаќаат просечно од 8 до 10 евра за квадрат.

Народниот правобранител, Иџет Мемети е на оваа функција веќе 16 години, а во декември му завршува мандатот. Пред да замине дел од вработените во оваа институција се пожалија дека се мета на деградирачко и понижувачко однесување. Но, освен за ова се отвори и прашањето дали Мемети домаќински ги троши парите на даночните обврзници.

Ф.Ф.С.

Омбудсманот Иџет Мемети или деспотот од Раковец?!

Поврзани новости