По сторијата на „Фокус“: Кривични за тендерот за дигитализација на матични книги!

Пред година и пол го обелоденивме случајот со спорните договори тешки половина милион евра што Управата за матични книги ги склучи со тукушто формираната „Новатек Инв“, поради кои Финансиската полиција сега поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена положба, бидејќи тендерската документација била изготвена во корист на компанијата.

by Фокус

Управата за финансиска полиција информираше дека до Обвинителството за организиран криминал и корупција поднела кривична пријава против 3 физички лица и 1 правно лице за злоупотреба на службена положба и овластување, во врска со случајот што пред година и пол во јавноста го обелодени „Фокус“, а се работи за договорите што Управата за матични книги лани ги склучи со новоформираната компанија „Новатек Инв“ за дигитализација на матичните книги и набавка на компјутерска опрема , во вредност од половина милион евра.

„Првопријавеното лице, во својство на раководно лице во Управата за матични книги и второпријавеното лице – вработено во УМК, како лица што ги изработиле техничките спецификации и условите за квалитативен избор, поттикнати од третопријавеното лице во својство на сопственик и управител на четвртопријавеното правно лице – „Новатек Инв“, ја злоупотребиле службената положба и овластување на начин што спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, во текот на 2021 година изработиле тендерска документација со дискриминаторски и несразмерни услови за квалитативен избор за јавна набавка на услуги за дигитализација на матичните книги и јавна набавка на компјутерска опрема, известуваат од Финансиска полиција.

Оттаму потенцираат дека со така дефинираните дискриминаторски и несразмерни критериуми за квалитативен избор и склучениот договор со „Новатек Инв“,  реализирана е набавка на компјутерска опрема за потребите на Управата за водење на матичните книги по цени далеку повисоки од реално пазарните цени и на тој начин пријавените лица предизвикале штета на Управата за водење матични книги во вкупен износ од 2.836.260 денари.

-Дополнително, прво и второпријавеното лице, поттикнати од третопријавеното физичко лице, во техничките спецификации за јавната набавка на услуги за дигитализација, предвиделе ставка за „техничка поддршка при процесот на внесување на податоци“ во висина од 359.507 денари месечен паушал, за кои услуги во моментот Управата имала склучен договор со друг правен субјект и на тој начин без да постои реална потреба кон Управата се фактурира за иста услуга два пати, еднаш од страна на „Новатек Инв“, и еднаш од страна на другиот правен субјект, со што е предизвикана штета на Управата за водење на матични книги во вкупен износ од 2.157.042 денари, соопштуваат од Финансиската полиција.

Како што своевремено пишувавме, Управата лани склучила 3 договори со „Новатек Инв“ во вкупна вредност од половина милион евра, само 3 месеци по формирањето на фирмата. Притоа, два договори се однесуваат за набавка на компјутерска опрема во вредност од 7 милиони денари, додека третиот се однесува за дититализација на матичните книги во вредност 29,5 милиони денари. Откако ја објавивме сторијата, постапка покрена и Антикорупциската комисија, а Обвинителството соопшти дека го следи случајот.

НОВА КОМПАНИЈА-ЕДИНСТВЕН ПОНУДУВАЧ

Инаку, Управата за матични книги, на чело со тогашниот директор Бујар Дардишта, кадар на ДУИ, на почетокот на март 2021 година година склучила договор за дигитализација на матичните книги во износ од 29,5 милиони денари или скоро 480.000 евра, во времетраење од 6 месеци. Висината на склучениот договор речиси во целост се совпаѓа со проценетата вредност на набавката, која, патем речено, не била објавена во огласот.

Договорот бил склучен со компанијата „Новатек Инв“ од Скопје, која била единствен учесник и понудувач во тендерската постапка. Оваа компанија е основана на самиот истек на 2020 година, или само 3 месеци пред да го добие тендерот од безмалку половина милион евра. Дополнително, друштвото е формирано еден месец пред да се објави огласот за набавка на услуга за дигитализација на матичните книги.

Според Централниот регистар, „Новатек Инв“ е основана точно на 11 декември 2020 година со основна дејност – неспецијализирана трговија на големо. Како единствен сопственик и основач на фирмата се јавува Љирим Фетаи, кој претходно десетина години работел во реномираната компанија за трговија со ИТ-опрема „ИТД Дистрибуција“, со тоа што во последните две години бил и нејзин управител.

Во поглед на исполнувањето на потребните услови од тендерската документација, истите ги исполнуваме благодарение на нашиот искусен тим со кој располагаме – изјави тогаш Фетаи за „Фокус“, додавајќи дека иако станува збор за нов правен субјект, заедно со неговиот тим имаат повеќе од 15-годишно искуство во областа на ИТ-технологиите во државава.

ШТО ИЗЈАВИЈА ОД УПРАВАТА?

Од Управата, пак, ни одговорија дека конкретната јавна набавка се спровела со отворена постапка во која, како што нагласуваат, имале право да учествуваат сите заинтересирани економски оператори без оглед кога се формирани. Воедно, од таму посочуваат дека овозможиле и странски компании да учествуваат во постапката.

Постапката се спроведува во согласност со Законот за јавни набавки и во однос на критериумите за овој вид набавка потребни се техничката и професионалната способност на економскиот оператор, односно кадрите со кои располага за реализација на набавката. Самата постапка со себе носи два вида на гаранција кои се неизбежни, бидејки се законски предвидени. Едната е банкарска гаранција на понуда со која секој економски оператор гарантира за сериозноста на понудата, и второто е гаранција за квалитетно извршување на договорот“, истакнаа од Управата.

Како што објаснија од таму, овој процес не ги содржи само набавките за дигитализација на матичните книги, туку, како што велат, е многу поопширен и опфаќа повеќе сегменти, вклучително и поврзување на матичните подрачја во рамки на Управата, како и поврзување на Управата со други институции, како Министерство за информатичко општество и администрација, но и организации од типот на Адвокатската комора, Нотарска комора, Комора на извршители…

Со заклучок на Владата од 2019 година, не задолжија за целосна дигитализација и поврзување на Управата за водење на матичните книги. Дигитализацијата на матичните книги за родени, венчани и умрени е приоритетна цел на Управата и ние како институција секоја година доставуваме до Владата извештај за реализација на акцискиот план од претходната година“, велат од УМК, порачувајќи дека овој процес се очекува да биде целосно комплетиран и завршен во оваа 2022 година.

Влатко Стојановски

Поврзани новости