По посетата на грчкиот министер за надворешни работи на Македонија, Никос Коѕиас, во пресрет на средбата со медијаторот во спорот за името Метју Нимиц во Виена, македонскиот шеф на дипломатијата најверојатно ќе ја посети Атина, при што изразил желба да се запознае со коалицискиот партнер во грчката влада познат во тврдите ставови во однос на спорот, Панос Каменос, објавија грчките медиуми.
Како што пренесе МИА, новинарите кои заедно со грчката делегација пристигнаа во Скопје, коментираат дека посетата на Коѕијас поминала во добра и пријателска клима и оти постои хемија меѓу двајцата министри и волја за решение, но, нагласуваат тие, остануваат разликите во однос на Уставот и формулацијата на името.
„Двајцата министри од четвртокот вечерта поминаа шест часа заедно, отворајќи ги сите прашања. За сега се чини дека не се направија многу чекори напред, напротив, излезе нов проблем, како што сфативме од господинот Димитров, а тоа е името. Сака да биде со 2 збора и да биде преведено на англиски јазик. Второто големо прашање е Уставот. Не само промена на иредентистичките точки, туку и во однос на опсегот на употреба на името. Скопјаните сакаат двојна формула за името“, објави грчката телевизија „Стар“.
Новинарот на телевизијата „Скај“, пак, во неговиот извештај од Скопје оцени дека и покрај позитивната клима на средбата на двајцата министри, сепак на прес-конференцијата се покажале несогласувањата на двете страни.
„Господинот Димитров објасни дека е негативен во однос на варијантата име без превод како на пример Горна Македонија, додека пак господинот Коѕијас од негова страна објасни дека за Грција, промената на Уставот е предуслов за било кое решение“, рече новинарот од телевизија „Скај“
Новинарката на „Euronews“ акцентот го става на волјата кај двете страни за постигнување на компримисно решение.
„Повеќе оптимист од тоа што беше кога отиде во Скопје, ја заврши дводневната посета на ПЈРМ, министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас. На средбите што ги имаше со политичкото раководство на земјата, ниту една од страните не криеше дека уште постојат точки во кои нема поклопувања, но сепак се покажа дека и двете страни имаат волја да се најде решение“, објави таа.