Со брзина од 150 километри на час се движеле над 13.300 автомобили на Скопската обиколница во текот на септември годинава. На патот Тетово – Гостивар, пак, со брзина од 150 километри на час возеле 3.921 возило. Вкупната фреквенција на сите патишта во државава заклучно со септември годинава изнесува 490.735 возила, покажуваат податоците од автоматските и мобилните бројачи што ги поставува на патиштата Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Автоматските бројачи, заклучно со средината на септември, покажуваат просечен годишен дневен сообраќај (ПГДС) со по околу 16.000 возила, а како најоптоварени со сообраќај меѓу државните патишта се делниците Велес – Петровец, Тетово – Гостивар и Миладиновци – Хиподром. По нив со околу 15.000 возила следат Скопје – Тетово, со околу 14.000 Велес – Градско, со околу 13.000 клучката Гевгелија до границата со Грција, Хиподром – Петровец…
ЈПДП има податоци за бројот и категоријата на возилата, брзината со која се движат и сообраќајното оптоварување на 170 патни делници на државните патишта што ги добиваат од автоматските бројачи поставени на 70 локации и од петдневно броење на возилата, во текот на една година со мобилни бројачи на 99 патни делници на државните патишта.
– Тоа ќе бидат показателите, кои заедно со податоците добиени од Системот за управување со патишта (Road Asset Menagment System), врз чија основа во иднина ќе имаме предвид каде и какви рехабилитации треба да се прават, а не според нечии желби, вели за МИА директорот на ЈПДП, Зоран Китанов.
Со тоа, како што појаснува, ќе имаат слика за сите идни активности. Оптоварувањето, зависно дали е големо или не, ќе покаже каков асфалт треба да се користи при активностите. Тешкиот сообраќај оштетува и многу е важно да се знае со каква густина се става асфалт на одредена локација. Со тоа наута покажува каде, колку и како треба да се рехабилитира и реконструира, а не според нечија желба, прецизира Китанов.
ЈПДП почна да ги поставува автоматските бројачи од мај годинава. Во коловозот се поставени сензори (индуктивни јамки и пиезо-сензори), со кои се врши мерење на должината на возилата и бројот на осовините на возилата, што е основа за категоризирањето на возилата во девет. Со автоматските бројачи на возила се вршат мерења на 70 локации, перманентно, односно 24 часа 365 дена во годината. Проектот за кој е потпишан договор во 2017 година е во вредност од 550 илјади евра.
Со мобилни бројачи, пак, се вршат мерења на помалку фреквентните патишта. Тие се поставуваат на столбови на сообраќајни знаци и се оставаат 24 часа да собираат податоци, по што се исчитуваат и бројачот се поставува на друга локација. Тоа се прави пет дена во годината и се добиваат податоци за број на возила кои се движат по патот, пет категории на возила, како и брзина со која се движат. Детекцијата ја вршат со радарски систем. Со нив се заменува досегашното рачно броење.
– За целата патна мрежа на државните патишта имаме податоци за бројот на возила, категоријата и за брзината на движење. Податоците за брзината се користат за подобрување на безбедноста во сообраќајот, а ќе ги даваме на Министерството за внатрешни работи затоа што токму брзото возење е главна причина за сообраќајните несреќи, објаснува Кирил Каркалашев, помошник-раководител во секторот за одржување и наплата на патарина во ЈПДП.
Обновени 500 километри пат, тендери за нови 19 делници
Покрај податоците од автоматските и мобилните мерачи во подготовката на Програмата за рехабилитација на државните патишта ќе се земат предвид и наодите од проектот Систем за управување со патишта. Сите досегашни расположливи податоци за патиштата во дигитална форма се прегледани и трансформирани во новиот референтен систем и се прегледни во РАМС-системот. Извршени се мерења на целокупната патна мрежа од 4.384 километри, како и мерење на тежината на возила во движење на 20 различни локации со цел да се утврди видот и интензитетот на сообраќајното оптоварување.
Изминатите две години се обновени 500 километри патишта. Заклучно со октомври беше завршена рехабилитацијата на 12 патишта со вкупна должина од 118 километри и вкупна вредност од 14,4 милиони евра, заеднички проект со Светска банка.
Кон средината на месецов треба да бидат заокружени проектите за подобрување на состојбата на 19 патни делници низ цела држава во должина од 334 километри, по што ќе стартуваат тендерските постапки. Активностите на терен се планираат за почетокот на новата градежна сезона. Тие се спроведуваат со програмата од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а финансиската конструкција изнесува 68 милиони евра.
Во тек е објава на тендери за реконструкција на 12 моста и изградба на четири нови, на Пчиња и на Вардар.
МИА