Битолскиот кларинетист Горан Проја Димовски од групата Оскар денес има голем повод за славење, откако неговата сопруга Јулијана го донесе на свет нивното второ дете, синот Исак. Димовски, кој периодов водеше тешка битка со корона вирусот, за ,,Фокус” раскажува дека е благодарен на Бога за раѓањето на Исак, но и за победата над болеста.
За периодот кој е зад него, вели дека сака да го остави зад себе, и верува дека новиот живот во нивниот дом ќе им ги зацели раните.
-Со многу лоши работи се соочивме изминатиот период. Започна пандемијата, не знаевме дека за кратко време ќе ни се променат животите од корен, дека ќе изгубиме драги луѓе, за кои сме верувале дека ќе бидат покрај нас уште долго, дека заедно ќе остариме.
Првиот удар беше смртта на мојот другар и колега, тапанарот и основач на групата Оскар, Гоце Талевски. Тој ја изгуби битката на 41 година, и уште несовземени од неговата смрт, ни се случи уште една трагедија, почина таткото на мојата сопруга, еден од најдобрите фудбали своевремено во Пелагонија, Љупчо Котевски. Имаше 65 години. И кога човек ќе помисли дека беа доволно премрежјата, пак ни се случи нов лош предизвик – раскажува музичарот.
Појаснува дека неговиот татко се заразил со вирусот, а потоа и тој од него се инфицирал. И додека неговиот татко за кратко време закрепнал и ја победил болеста, Горан имал тешки симптоми и бил на работ на силата.
-Јас сум вакциниран со две дози. Се инфицирав еден месец откако ја примив втората доза. Уште на самиот почеток се соочив со доста лоша клиничка слика, константно висока температура, ја изгубив силата. Верувам дека само поради тоа што бев имунизиран, јас преживеав, до толку беше лошо. Очигледно е дека вакцините не не штитат од инфицирање, но лично мене, тоа што бев вакциниран ми помогна да ја пребродам болеста која, би рекол, навистина силно ме удри, мислев дека ова е крајот.
Сопругата, која беше во изолација поради контакт со мене, за среќа е негативна, многу стравував и за неа, и сега со олеснување само можам да кажам дека нашето семејство имаше доста силна верба во Бога, и на крај испловивме над сите премрежја. Новородениот син, на кого најмногу му се израдува десет години постариот брат Калин, го крстивме Исак. Името има длабоко значење за сите нас, значи радост, тој е нашата радост која не огреа токму во период кога ни беше најпотребно- вели популарниот кларинетист.
-Годинава животот ме однесе надоле, покрај личните загуби, имав и други лоши ситуации за кои уште не сум подготвен да зборувам јавно, но сепак на крај, со раѓањето на Исак, од најдоле, се кренавме најгоре – порача музичарот.
Вики Клинчарова