По шест години откако Александар ги разделил, Пале и сестрата близначка застанаа една покрај друга!

by fokus

Сестрата близначка на Пале Илоска (23) од Велес, Паула, и ја даде својата поддршка и беше присутна на судското рочиште кое се одржа вчера.

-Солзи ни капат од сликата. Слика од две сестри близначки, кои и покрај се, си се поддршка една на друга. Замислете само, на 23 години да се соочите со нешто вакво…подобро и да не си замислите. Пале и Паула, што и да се случи понатаму, немојте никогаш повеќе да се разделите-порача блиска роднина на девојките.

За Пале, која го уби во самоодбрана партнерот Александар Р. (40) додека ја давел, денес ќе биде донесена пресудата во велешкиот суд.

Како што раскажаа нејзините роднини за „Фокус“, таа и сестра и Паула имале тешко детство, татко им бил алкохоличар, а мајка им е тешко болна и за неа се грижи нејзиниот брат, односно вујкото на девојките.

Александар Р. успеал да ги раздели сестрите, уште пред шест години, кога биле 17-годишни девојки.
На 13-ти септември 2016 година, пред нотар во Велес, кога двете сестри се договарале за оставинската постапка по смртта на нивниот татко кој им оставил трошна куќа, тој и пришол на Паула, ја фатил за врат и се заканил со зборовите – Ќе ти го скршам вратот ако не и ја препишеш куќата на сестра ти!

Тогаш поминал само со условна казна, исто како и за делото во 2010 година, кога возејќи со двојно поголема брзина од дозволената во град, удрил шестмина тинејџери кои се здобиле со тешки телесни повреди.

Братучетка на сестрите ни раскажа дека Паула заминала да живее во Скопје и немала контакт со Пале, се до трагичниот настан. Тогаш се смириле, и сега Паула и е поддршка на Пале.

Целата јавност е во очекување на пресудата на младата велешанка, која со години била жртва на семејно насилство. Голем број на граѓански организации, како и Хелсиншкиот комитет за човекови права бараат обвинението Убиство на миг, да биде променето во дело сторено во самоодбрана.

Вики Клинчарова

Поврзани новости