По седум мирни недели, коронавирусот повторно се врати во Неготино

by Fokus

Откако на 21-ви јуни се вброи во листата на градови без активни случаи на корона вирус, вчера во Неготино повторно по подолг период е регистриран позитивен случај.

Жителите во општината имаа седум мирни недели, кога е Ковид-19 во прашање, без новоинфицирани лица, и на некој начин се опуштија, за да од вчера градот пак се најде во извештаите со позитивни случаи на Министерството за здравство.
Инаку, во Неготино првите два позитивни случаи на корона вирус беа регистрирани на 15-ти април минатата година, а бројките на новорегистрирани случаи на дневно ниво беа највисоки лани во ноември, како и годинава кон крајот на февруари и почетокот на март.

Од почетокот на пандемијата, во градот се инфицираа 2.185 лица, а дури 60 починаа од последици на вирусот. Голем број од позитивните беа хоспитализирани во ковид болницата во Кавадарци, а потешките случаи се препраќаа во скопските клиники.

Во Тиквешијата, освен во Неготино, вирусот се врати и во Кавадарци каде има 37 активни случаи и во Демир Капија, со три активни случаи.
Според вчерашните податоци од МЗ, единствените општини во кои нема активни случаи моментално се Богданци, Крушево, Кратово, Демир Хисар и Дојран.
Изминатиот период, кога четвртиот бран на вирусот добива засилено темпо, здравствените власти апелираат до граѓаните да се вакцинираат, бидејќи вакцините се единствениот начин да се победи пандемијата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости