По реакциите дека се ,,фрлаат” народни пари за скапи музичари: Најскапиот пејач во регионот, сепак градоначалниците ретко го канат!

by Fokus

Изминатиов период добар дел од јавноста реагираше поради се позачестените гостувања на скапо платени музички ѕвезди од регионот на разни општински манифестации. За само неколку месеци низ плоштадите во земјава продефилираа Цеца, Здравко Чолиќ, Данијела Мартиновиќ, Јелена Розга, Галија, Фрајле, Северина…

Околу висината на хонорарите на овие музичари, пари кои се обезбедени од општинските буџети во повеќето случаеви, или пак од спонзори, и како што имаат обичај да кажат градоначалниците, од општествено одговорни фирми, доста се пишува и коментира. На социјалните мрежи се апелираше тие средства во иднина да бидат пренаменети за лекување на деца од општините во кои се одржува манифестацијата, а за кои во тој период се актуелни апелите за донации, или пак да се искористат за реновирање на училишта или болници во градот каде се прославува некој општински настан.

Гостувањето на српската турбо фолк ѕвезда Цеца Ражнатовиќ минатата недела во Штип на Пастрмајлијадата беше уште еден од низата настани за кој многу граѓани изреволтирано реагираа.

Некои медиуми дури и направиле пресметки колку се народни пари изминатиот месец се слеале на сметките на музичарите, па се вртеа вртоглави суми, но и пораки дека ,,лудилото” мора да запре, без оглед на тоа колку народ овие пејачи секогаш успеваат да изнесат на плоштадите. ,,Фокус” во повеќе наврати известува за скапите гостувања на балканските ѕвезди кај нас, и за тоа со колкави суми на пари тие си заминуваат од нашите општински настани. Цеца на пример, лани од Кавадарци, од Тиквешкиот гроздобер си отиде со 39 илјади евра на својата сметка.

Сумата ја откри градоначалникот Митко Јанчев, без да прецизира дали е со платен данок. Здравко Чолиќ, кој важи за еден од најчестите, но и доста високо платени музички гости, за својот настап на Питијадата во Велес пред неколку години добил дури 49.884 евра, со платен данок.

Жељко Јоксимовиќ настапувал на нашите плоштади за сума од околу 30.000 евра, Парни Ваљак за околу 29.000 евра, Рибља Чорба за околу 8.000 евра, Каролина за околу 12.500 евра, а сумите за ,,Фокус” ги откри велешкиот градоначалник Аце Коцевски. Сепак, ако јавноста беше убедена дека Цеца и Чолиќ се најскапите музичари од регионот, ако е за утеха, најскапо платениот музичар од регионот, барем за сега, не е многу интересен за нашите градоначалници и ретко го канат на плоштадите.

Станува збор за босанската музичка ѕвезда Дино Мерлин (Ервин Делишхалидовиќ), кој настапува за сума од 60.000 евра. Уште пред три години, додека во Велес градоначалник беше Славчо Чадиев, тој за ,,Фокус” раскажа дека за време на Пастрмајлијада 2017, според јавната анкета, граѓаните се изјасниле дека го сакаат Мерлин како главна музичка ѕвезда на настанот.

Општината и спонзорите тогаш биле спремни да платат 60.000 евра за негово гостување, но тој не можел да најде слободен термин во времето кога се одржувала манифестацијата. Поради тоа, изборот паднал на второ рангираниот според анкетата, Чолиќ, кој си заминал од Велес со сума од 50.000 евра. Дали поради висината на хонорарот, или пак поради неговата презафатеност со гостувања низ светот, Мерлин ретко гостува на наши општински забави. Тој имаше голем концерт во земјава во 2015 година во Скопје, во Арена Борис Трајковски и го промовираше албумот ,,Хотел Национал”.

Веднаш по концертот, донираше 300.000 денари на клиниката за детски болести. Потоа, одржа концерт и во Охрид на стадионот Билјанини извори. Неговите обожаватели можеа да го слушаат бесплатно, на плоштад пред две години, кога настапи во Струмица на манифестацијата Струмица Опен Фест, но и во Прилеп на Пивофест во 2015 година. Освен тогашните градоначалници, Костадин Костадинов на Струмица и Марјан Ристески на Прилеп, ретко кој друг го донел на општинска манифестација. Најава дека ќе ни гостува во блиска иднина, дали на општински настан или пак ќе одржи самостоен солистички концерт во некоја концертна сала – нема. Присутен на сцената уште од раните осумдесети години на минатиот век, интересот за него во регионот не стивнува. Лани имаше концерти во Словенија, Австрија, Црна Гора, но и турнеја во Северна Америка и Канада.

Вики Клинчарова

Поврзани новости