Роберт Голуб (55), актуелниот премиер на Словенија, кој беше избран на функцијата пред околу седум месеци, е во врска со поранешната мисица Тина Габер (35). Веста ја објавија повеќето медиуми во Словенија, откривајќи дека по неодамнашниот развод од сопругата Јана Немец Голуб со која има две деца, премиерот има нова љубов.
Со Габер бил забележан како купува мебел, а потоа и во Рим, на божиќен концерт. Познат како личност која никогаш не го коментира својот приватен живот, Голуб одбил да одговори на новинарските прашања поврзани со поранешната мисица, која сега работи како водителка. И на прашањето за разводот во предновогодишна емисија на Канал А, тој кратко одговори дека живее сам со децата.
Тина пак, и во минатото беше актуелна во јавноста поради својата врска со музичарот Јане Пластењак, а медиумите ја поврзуваа и со поранешниот словенски министер за транспорт Патрик Влачиќ. За неговата поранешна сопруга исто така словенската јавност знае многу малку. Работела во оддел за маркетинг во државна фирма, а во тек на предизборната кампања Голуб се отселил од нивниот семеен дом.
Одбивањето на премиерот да открие детали за приватниот живот во повеќе наврати наиде на јавни критики, со оглед на тоа што е на висока функција и одговорна функција во Словенија, а личниот живот на избраните политичари често влијае врз гласачите кои даваат предност на традиционалните семејни вредности.
Вики Клинчарова