Нема да дозволиме преседаните на актуелното мнозинство СДСМ-ДУИ да поминат во молк, изјави денеска, на прес-конференција во Собранието, пратеникот на Беса, Бастри Бајрами по вчерашното разрешување на неговиот сопартиец Фадил Зендели од собраниската Комисија за избори и именувања.
-Сведоци сме дека последните три дена во Собранието се водеше расправа во која аргументите и процедурите беа надгласани од мнозинството, и покрај тоа што ние како пратеници на Беса бевме многу конструктивни и отворени за дијалог. Се чини дека актуелното мнозинство го сфати тоа како слабост и по секоја цена го разреши пратеникот Фадил Зендели од Комисијата за избори и именување, рече Бајрами.
На прес-конференцијата присуствуваше и Зендели, а Бајрами истакна дека сите проекти, кои не се во интерес на граѓаните, туку се тесен интерес помеѓу владејачката коалиција, ќе добијат вистински одговор преку собраниските инструменти.
-Ние обезбедивме дијалог додека мнозинството СДСМ-ДУИ нуди деструктивност и сила. Затоа од утре ќе се соочат со максимална посветеност на движењето Беса, со сите демократски правни форми кои ни ги овозможува регулативата на Собранието и политичкото дејствување, рече Бајрами.
Според него, денеска се поставува прашање што подготвува власта, која, како што посочи, „по секоја цена бара да има мнозинство во Комисијата и дали се обидува да ги партизира јавните институции со именувања во Собранието”.