Израел привремено ќе го отвори пристаништето Ашдод и преминот Ерез во северниот дел на Појасот Газа за хуманитарни испораки, за првпат откако преминот беше значително оштетен во терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври минатата година. Како што се додава, ќе ја зголемат и количината на помош од Јордан што влегува преку преминот Керем Шалом.
По нападот на хуманитарниот конвој во кој загинаа седум работници од Светската централна кујна во Газа и разговорот со американскиот претседател Џозеф Бајден, израелскиот безбедносен кабинет одлучи да преземе итни чекори за подобрување на хуманитарната ситуација во Газа, соопштија од канцеларијата на Нетанјаху, пренесува „Тајмс оф Израел“.
„Зголемената помош ќе спречи хуманитарна криза и е клучна за обезбедување на продолжување на борбите и постигнување на воените цели“, соопшти кабинетот на израелскиот премиер.
Потезите беа поздравени од Белата куќа, која го повика Израел веднаш да ги спроведе.
Израелското соопштение дојде неколку часа откако американскиот претседател Џо Бајден и Нетанјаху зборуваа за првпат по нападот на израелската армија во центарот на Газа во кој загинаа седум хуманитарни работници од Светската централна кујна.