Два дена откако припадници на Министерството за внатрешни работи претресуваа келии во затворот „Идризово“, ноќеска неколку минути пред два часот, било запалено возилото на дежурниот командир на затворот „Идризово“.
Според официјалните информации од МВР, возилото било запалено на паркингот позади управната зграда, но засега не се коментира дали палењето на возилото има некаква поврзаност со претресите што се правеа во затворот.
-На 16.06.2022 во 01,50 часот во СВР Скопје, било пријавено дека во кругот на Казнено поправната установа Затвор „Идризово“ на паркингот позади управната зграда, било опожарено патничко моторно возило “фиат пунто“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на вработен во затворот. Пожарот бил локализиран од страна на Бригадата за противпожарна заштита и сопственикот, кој при гаснење на пожарот се здобил со повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.
Во акцијата на МВР, кај затвореници во затворот беше најдена дрога, мобилни телефони, пари, но и ножеви.
Министерот за правда, Никола Тупанчески порача дека никој нема да биде поштеден од одговорност откако ќе заврши истрагата како овие недозволени предмети се нашле во келиите на затворениците.
Фото: Аваз.мк