Министерството за внатрешни работи соопшти дека по судска наредба извршиле претреси на повеќе локации во Скопје и привеле едно лице кое е дел од криминална група, кој извршила тешка кражба.
„По преземени оперативни мерки и активности, полициски службеници од СВР Скопје открија криминална група која на 25.07.2023 изврши тешка кражба во дом на ул.„Ловќенска“, при што беше одземен сеф. Имено, по преземени мерки е констатирано дека тие со употреба на сила и подесен алат влегле во домот и го извршиле делото“, соопшти МВР.
Од полицијата велат дека по консултација со јавен обвинител и по добиена судска наредба извршен е претрес на неколку локации на подрачјето на Чаир и Никиштани во Скопје.
„При претресите биле пронајдени предмети поврзани со извршеното кривично дело. Притоа, од слобода бил лишен А.М.(24) од Никиштани, додека за останатите лица кои го извршиле делото се распишани расписи. По комплетно документирање на сите докази, против лицата ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по чл. 236 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.