По празниците нова влада на чело со Ковачевски

by fokus

Новиот претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски синоќа на седница на Централниот одбор ја доби довербата да биде мандатар на новата влада на местото на Зоран Заев.

Во меѓувреме, откако во четвртокот Собранието ја констатира оставката на Заев, тече рокот од десет дена во кој претседателот Стево Пендаровски треба да го довери мандатот за формирање нова влада, и тоа, откако во СДСМ беше потврден новиот мандатар, би требало да се случи деновиве.

Формирањето пак на новата влада Ковачевски го најави за средината на следниот месец, најдоцна до 18 јануари.

Откако мандатарот ќе го добие мандатот за формирање нова Влада, се очекува во текот на првата половина на следниот месец тој до Собранието да ги достави програмата за работа и составот на новиот владин кабинет, по што пратениците ќе треба да гласаат за избор на новата влада.

За да биде избран, за предложениот владин кабинет треба да гласаат најмалку 61 пратеник. Новото парламентарно мнозинство составено од коалицијата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието.

– Првата задача која ја има новото раководство е да состави нова влада и силно да се посветиме на спроведување на владината програмата и политиките. Јас сум оптимист дека новата Влада предводена од СДСМ ќе ја избереме на средината од следниот месец, до 18 јануари.

Пред новата Влада стојат предизвиците за менаџирање на енергетската криза, економската криза предизвикана од пандемијата, како и продолжување на евроинтеграцискиот процес и преговорите со соседна Бугарија, изјави Ковачевски на вчерашната прес-конференција.

Вчера беа избрани нови поттпретседатели на партијата и нови членови на партиските тела. Реформите и промените во политичката партија СДСМ доаѓаат по оставката на Заев. По завршувањето на вториот круг од локалните избори на 31 октомври оваа година, Заев ја презема одговорноста за лошите резултати.

На 23 декември, Собранието ја констатираше оставката од премиерската функција. Тој ја презема премиерската функција на 31 мај 2017 година, а вториот мандат го освои на 15 јули минатата година.

Поврзани новости