По паузата за новогодишните и божиќните празници, од средината на јануари во Кривичниот суд продолжуваат судењата за предметите на СЈО, во кои обвинети се поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Па така, на 17 јануари на обвинителна клупа ќе седнат екс министрката Гордана Јанкулоска, поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, неговиот шеф на кабинет Тони Јакимовски, и уште шестмина обвинети во случајот за масовното нелегално прислушување „Таргет и Тврдина“.
За овој случај досега се оддржа само едно рочиште кое што се одложи поради оправданото отсуство на еден од адвокатите. Овој случај ќе стартува од почеток, бидејќи судијката Ленка Давиткова, со новиот годишен распоред од одделението за организиран криминал е распределена во одделот за кривично полнолетни.
Во овој случај обвинети се и двајцата бегалци, Горан Грујевски и Никола Бошковски. Грујевски, Јакимовски, Јанкулоска и Бошкоски се првите четворица обвинети, против кои е поднесен обвинителен акт, а за останатите осумина, меѓу кои и Мијалков е поднесен обвинителен предлог.
Разликата меѓу обвинителен акт и обвинителен предлог е тоа што предлозите се водат по скратена постапка и за нив се предвидени помали казни. Сепак во овој случај, заедно ќе им се суди на сите обвинети.
Мијалков со обвинителниот предлог се гони за три кривични дела и тоа за злосторничко здружување за што е предвидена казна од една до пет години, за злоупотреба на службената положба, за што е пропишана казна од шест месеци до пет години и примање награда за противзаконито влијание, кое се казнува со една до три години.
На еден од обвинетите во овој предмет нема да му се суди, бидејќи уште пред неколку недели призна вина, по што постапката за него била раздвоена. Тој беше осуден на условна казна од шест месеци, доколку во рок од две години не стори ново кривично дело. Признанието на овој обвинет дава придонес и во докажувањето на делот со бришењето на логовите од прислушувањето во УБК, како што утврди странски експерт.
Истрагата за предметот со кодно име „Тврдина“ беше отворена на ден 29.03.2016 година, а за предметот „Таргет“ на ден 17.11.2016 година. Поради нивната поврзаност, при подготовка на обвинението предметите се споени во еден единствен предмет.
Случајот се однесува на незаконското следење на комуникациите во период од 2008 до 2015 година. Обвинетите се товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување при прислушувањето на најмалку 5.827 телефонски броеви или 20.017 нелегално прислушувани граѓани.