По повод инцидентот, се огласи и актерот: Ана не е единствената жена измамена од лажниот Бред Пит!

by Fokus

Откако француските медиуми ја објавија приказната за Ана, 53-годишна Французинка, која во тек на две години му исплатила околу 830.000 евра на измамник кој се претставувал како Бред Пит, јавно се огласи и познатиот актер.

Преку своите официјални претставници, тој порача дека е ужасно што измамници ја искористуваат силната поврзаност на обожавателите со славните личности.

– Немојте да одговарате на такви пораки, посебно од актери кои воопшто не се присутни на социјалните мрежи! На ист начин, преку интернет, беа измамени уште две други жени, кажа Пит по повод инцидентот.

Инаку, како што известија француските медиуми, откако дознала за измамата, односно дека не се допишувала и не му праќала пари на Бред Пит, туку на измамник, Ана се наоѓала на клиника, каде била хоспитализирана поради тешка депресија.

Во периодот од 2023 година, кога започнала интернет комуникацијата со лажниот Пит, таа освен што му праќала пари за негово наводно лекување, дури и се развела од сопругот и мислела дека е во врска со актерот. За фотографиите и видео пораките кои и ги праќал, тамошните истражни органи соопштија дека биле направени со помош на вештачка интелигенција.

Сфатила дека е измамена кога Пит се појави на јавен настан неодамна, заедно со неговата нова девојка Инес Де Рамон, па го пријавила случајот во полиција.

Вики Клинчарова

Поврзани новости