По повеќе од една година: Од денеска може да се патува во Грција, се чека официјална потврда на протоколите

by Fokus

Граничниот премин „Евзони“ од денеска се отвора за сите државјани на С Македонија, но за влез потребно ќе биде приложување на негативен ПЦР-тест, писмен доказ за пимени две дози вакцини против ковид или позитивен резултат за антитела.

– Официјалните потврди се уште ги чекаме, со оглед на тоа дека одлуката беше соопштена за време на празникот, претпоставките се дека е потребно време да се проследи информацијата и секако потребни  уредби за техники за патувањата,  да се имаат конкретните информации и да се дефинираат протоколите. На пример мината година беше задолжително пријавување на патниците во грчкото министерство за туризам и здравство со образец каде ќе се патува токму поради евиденција. Денеска попладне очекуваме да стигнат официјални информации од Грција, и за поздравување е новината тест за антитела, но сепак дури и за овој тест треба да се знае колку стар треба да биде за што аплеираме до надлежните институции да се обезбедат поповолни цени за тестовите, за да може да се патува, бидејќи и  90 проценти од неискористените ваучери за кои граѓаните веќе имаат уплатено се токму за Грција,  вели за „Фокус“ Мирче Пешевски од агенцијата на Савана.

Тој појасни дека за нив како агенција првите резервации се потврдени од 23 мај, а дотогаш се надева дека ќе бидат обезбедени сите протоколи за патување.

Оваа информација вчера на својот Фејсбук профил ја објави премиерот Зоран Заев кој во Атина учествуваше на Економскиот форим Делфи, каде се сретна со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис кој му ја потврдил информацијата.

-Имавме одлична работна средба со премиерот на Грција, Мицотакис. Ме извести дека почнувајќи од утре, 14 мај 2021, се отвора граничниот премин “Евзони£ за сите граѓани на Северна Македонија кои имаат негативен ПЦР тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против КОВИД-19 или позитивен резултат за антитела, напиша Заев вчера на својот фејсбук профил.

Границите на Грција, веќе една година се затворени за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани. Одлуката беше воведена лани, за време на првиот карантин во март, а оттогаш се продолжува на секои две седмици. Прекуграничните поминувања беа само за одредени категории граѓани.

С.Т.

Поврзани новости