Фолк музичарот Зоран Ванев (50), а од пред околу шест години и доктор за природна медицина, кој има сопствена клиника во Цирих, Швајцарија, по подолга пауза повторно сними нова песна.
Нумерата е на српски јазик и е насловена ,,Кафане”. Музиката и текстот се на Живојин Трифуновиќ, аранжманот е заеднички на Ванев и Трифуновиќ, придружни вокали пее Рада Јаневска, а бузки свири Трајче Ставревски. За песната е снимен и видео запис, и веќе е промовирана на музичкиот канал Јутјуб. Ванев по потекло е од Штип. Во екот на најголемата популарност се пресели со семејството во Швајцарија, но продолжи со настапи и концерти ширум светот.
Посебно беше популарен во соседна Србија и сними повеќе песни за тамошниот музички пазар, од кои некои се хитови кои и денес се вртат во етерот. Летово кога беше во родниот Штип за ,,Фокус” изјави дека договорил снимање на нова песна, но не планирал тенденциозно да се враќа на сцената, снимал и пеел само за душа, а преокупиран бил со работата во клиниката. Откри и дека не планира да се враќа во Македонија, освен на одмор, најчесто во летниот период.
Кажа дека додека е во Штип најчесто се изолира со семејството во својата куќа, и опкружен со блиските има мирен одмор. Го следи епитетот дека е човек кој не старее и на свои 50 години изгледа како да е многу помлад. За енергијата и изгледот неретко знае да каже дека е заслужен неговиот позитивен пристап кон животот, но и природата, на која е посебно посветен откако ја доби титулата Доктор за природна медицина.
Вики Клинчарова