По подолга пауза Мишко Крстевски ќе запее во родното Неготино, најавена е голема забава на плоштад!

by Fokus

Популарниот фолк пејач Мишко Крстевски (61) ќе биде главна музичка ѕвезда на одбележувањето на празникот Свети Трифун, на 14-ти февруари во Неготино. Тој ќе настапи на градскиот плоштад, а покрај него, настапи ќе имаат и локалните бендови Дуо Фортисимо, Ориентал Бенд, Ексклузив Бенд и Харизма Бенд.

Забавата со Мишко и останатите музичари ќе започне во 12.30 часот, по симболичното закројување на виновата лоза, доделувањето на награди за вино и ракија, и по настапите на фолклорните друштва КУД Јане Сандански и Фолклорен ансамбл Ацо Ѓорчев. Ќе бидат поставени штандови со локални производи и се очекува голема посетеност.

Крстевски потекнува од Неготино, а околу две децении со семејството живее во Скопје. Тој е еден од најпопуларните фолк пејачи од општината, а пред повеќе години ја објави авторската песна ,,Неготино” која е еден вид на неофицијална химна на градот. Во родниот град ќе настапи по подолга пауза.

Инаку, музичарот познат по својата скромност има редовни гостувања во локали во Скопје, како и учества на фестивали. Неговата професионална музичка кариера трае повеќе од три децении, а минатата година на 36-то издание на фестивалот на новокомпонирани народни песни „Валандово 2023,” победи со песната „Ема убава”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости