По подолг период, бројот на хоспитализирани во кавадаречкиот ковид центар падна под 50

by Fokus

Бројот на пациенти хоспитализирани во кавадаречката болница на ковид одделот, за прв пат по неколку месеци падна под 50. Според информации од директорот на болницата, д-р Диме Коцев, денес се хоспитализирани 43 пациенти и има 52 слободни места.

Од хоспитализираните, на постојана кислородна поддршка биле 29 лица, на привремена шест, а пак осум биле без кислородна поддршка. Минатата недела д-р Коцев за ,,Фокус” изјави дека изминатиот период, откако стапија на сила новите мерки за заштита од вирусот, забележителни биле ефектите. Се намалил бројот на новоинфицирани, на хоспитализирани, но и на тестирања.

Сепак, тој апелираше да нема опуштање, посебно за празниците, бидејќи состојбата е променлива и може да се случи преку ноќ повторно да се наполни ковид центарот. Така, на пример, минатата недела се случи за 24 часа да бидат хоспитализирани дури девет пациенти. Според последниот извештај на Институт за јавно здравје кој датира од 25-ти април, во Кавадарци од почетокот на пандемијата се инфицирале 5.069 лица, а 136 починале.

Во Неготино се инфицирале 2.133 лица, а 51 починале, и во Демир Капија се инфицирале 392, а 11 починале. Според вчерашниот извештај на МЗ пак, во Тиквешко се активни 631 случај, и тоа 403 во Кавадарци, 198 во Неготино и 30 во Демир Капија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости