Фонтаната на градскиот плоштад во Неготино по околу пет години повторно проработи. Голем број на граѓани синоќа уживаа во интересниот амбиент кој го прават млазовите вода заедно со светлосните ефекти, а на фонтаната најмногу и се израдуваа најмалите, кои дури и се разладуваа претрчувајќи под водените млазови.
Веднаш до фонтаната има маси од околните кафулиња, па центарот на градот синоќа беше атрактивна локација за многу неготинци.
Фонтаната беше изградена во 2017 година, но набргу престана да работи поради дефект. Пет години местото каде требаше да тече водата во комбинација со разни светлосни ефекти беше оставено на забот на времето, бидејќи дефектот бил голем и биле потребни финансиски средства во висина од неколку илјади евра за да се санира.
Пред неколку дена градоначалникот д-р Горан Стојанов за ,,Фокус” изјави дека се започнало со поправка на фонтаната, а комплетната санација и ставање во повторна функција изнесувала од 300.000 до 400.000 денари.
Во времето кога започна да се гради фонтаната, градот се соочуваше со редовни рестрикции на водата за пиење, па имаше голем број на реакции од граѓаните, кои јавно прашуваа како може да се потрошат над 60 илјади евра, средства од општински буџет за фонтана, додека градот нема вода за пиење. Тогаш од општината појаснија дека фонтаната нема да троши вода, бидејќи еднаш се полнела, а потоа истата вода постојано се филтрирала.
Вики Клинчарова