По пет години пауза ,,Браво бенд” сними нова песна во издание на Гранд продукција

by Fokus

Момците од ,,Браво бенд” имаат нова авторска песна насловена ,,Катаклизма”, и со неа по пет години пауза се враќаат на сцената. Нумерата е снимена на српски јазик и во издание на Гранд продукција, а зад неа како автор на музиката се потпишува Александар Цветковиќ или Сале, фронтменот на Тропико бенд.

Текстот е со потписот на Драган Брајовиќ-Браја, а аранжманот на Јован Лазаревиќ.

-Зошто на српски јазик е прашањето кое ни го поставија сите кои ја слушнаа песната, а сигурно ќе ни го постават уште многумина. Така е затоа што кога Сале ни ја пушти песната да ја слушнеме веќе беше направена на српски. Знаеме и дека голем дел од македонската публика ја следи естрадата во соседството, па некако сакавме да направиме еден камбек за домашната публика, но и да се претставиме надвор од нашите граници, велат музичарите.

Тие додаваат дека паузирале само кога станува збор за правењето авторска музика, но не и кога се во прашање настапите.

-Со исклучок на периодот за време на пандемијата со корона вирусот, ние постојано настапуваме, па и сега едвај чекаме во живо да ја отсвириме „Катаклизма“. Не би сакале да звучи како клише, но паузата што ја направивме во изминатиот период одлично ни дојде за добро да размислиме во која насока ќе се движи нашата кариера во иднина, а заедничкиот заклучок е – ова е само почеток на сето она што публиката допрва ќе го чуе и види од нас – појаснуваат од ,,Браво бенд”. За песната е снимен видео запис со потпис на Даниел Јовески, а во видеото се појавуваат актерот Петар Стојанов и моделот Матеа Стојковска.

Вики Клинчарова

Поврзани новости