По пет години пак ќе проработи фонтаната во Неготино

by Fokus

За четири дена повторно ќе биде пуштена во функција фонтаната на градскиот плоштад во Неготино, откако истата поради дефект не работеше пет години.

Веста за ,,Фокус” ја потврди градоначалникот д-р Горан Стојанов, кој вели дека моментално стручни екипи работат на санирање на долгогодишниот проблем.

-Би требало по четири дена неготинци повторно да имаат можност да уживаат во летните денови покрај фонтаната на плоштадот. Стануваше збор за голем дефект, чие санирање е при крај, а според пресметките, сумата за санација изнесува од 300.000 до 400.000 денари – потврди градоначалникот.

Фонтаната која беше изградена и пуштена во употреба во 2017 година, и требаше да биде белег на градот, работеше краток период. Се изгради за време на градоначалничкиот мандат на Ванчо Апостолов, и граѓаните според неговиот прекар Џенти, неофицијално ја нарекоа ,,Џенти Ди Треве”.

Тогаш, според општински информации, првично требало да изнесува околу 60.000 евра, но со тек на изведување на проектот трошоците пораснале, па неофицијално се спомнуваше сума од околу 80.000 евра. Фонтаната е слична како онаа која беше изградена во Карпош, во тогашниот мандат на Стевче Јакимовски, и има интересни светлосни ефекти.

Вики Клинчарова

Поврзани новости