По папата, Заев има желба да ги пречека Макрон и Меркел

by fokus

За премиерот, Зоран Заев, посетата на папата Франциск во Македонија е охрабрување дека треба сe градат договори и да се подадат раце кон соседите. На прес конференција денеска тој одби да ги коментира пораките кои од својата резиденција во вила Водно ги испрати претседателот во заминување, Ѓорге Иванов.

-Ова не е ден за поделби, денеска е ден за споделување, единство, потврдување на соживотот, но и верба во Бога, која повикува на меѓусебно разбирање. Се потсетивме на Мајка Тереза, на солидарностс, верувам дека денеска треба да зборуваме само за убавите работи  – рече Заев.

Прашан кои се неговите следни цели, Заев одговори дека се надева следен што ќе ја посети Македонија ќе биде претседателот на Франција, Емануел Макрон.

-Макрон барем десет пати, премиерот Руте и канцеларката Меркел. Бидејќи Ципрас го направи тоа, Борисов исто така. Првата цел ја завршивме, ќе бидеме членка на НАТО, останува уште ЕУ, втората и подеднакво важна цел е да добиеме датум за преговори – рече Заев.

Премиерот додаде дека посетата на папата е охрабрување за правецот кон кој се движи државата.

-Ова е охрабрување за нас, сите ние понекогаш забораваме што е верба во христијанството, ова не охрабрува да бидеме фокусирани на секојдневните вредности и проблемите на граѓаните како да ги решиме. На нашиот пат кон ЕУ веруваме ќе имаме поголем капацитет да ги решиме овие проблеми. За мене тоа беше мотивација да продолжиме по патот кон рамноправно членство во ЕУ. Се надеваме дека конечно ќе имаме одлука за отворање на преговорите – додаде тој.

Поврзани новости