Маргарита Маги Милошеска, самохрана мајка од Гостивар и нејзината ќерка Мартина (20) која е лице со церебрална парализа, вчера се вселија во новиот дом, за кој буквално молеа повеќе од осум години. Им беше доделен државен стан на користење, кој се наоѓа на првиот кат во зградата, односно го замениле со државниот стан во кој живееа, а беше на третиот кат, но поради состојбата на Мартина, девојчето не можеше да слегува по скалите. Токму поради тоа, последните неколку години, откако започна корона пандемијата, таа дури и не го посетуваше дневниот центар, а мајката во очај бараше помош од сите засегнати институции.
-Не верувавме дека ова ќе го дочекаме, бидејќи голготата ни траеше предолго и наидувавме само на празни ветувања. Кога Мартина беше помала, мене ми беше полесно, ја носев на раце по скалите надоле, нагоре, немаше проблем. Но, откако таа стана тинејџерка и порасна, а мене ме стигаат годините, започнаа нашите маки.
Не можев да ја носам во раце, барав решение на сите страни. Размислував да се стави лифт на надворешната страна на зградата, што беше прескапо и неизводливо, а константно барав и да ми се направи замена на станот, да бидеме преселени во стан кој е на прв кат или пак на приземје.
Не знам ниту самата колку барања напишав, до колку министерства и институции се обратив. Ни се нудеа станови кои се исто на трети кат, значи тоа не беше всушност никакво решение на проблемот. Се затворивме дома, во безизлезна и очајна состојба, веќе изгубивме надеж- раскажува мајката.
Таа цели дваесет години сама се грижи за ќерката, а таткото на Мартина е починат, и последниве години, откако веќе девојчето не можело да посетува дневен центар, посебно тешко им паднале и на двете.
Сега, вели дека за нив започнува нов живот, и единствено им е потребно здравјето да ги служи добро.
-Немам зборови на благодарност за сите оние кои помогнаа, за комисијата за станбени прашања, за сите владини чинители кои ми излегоа во пресрет. Кога бев повикана во јавното претпријатие за стопанисување со станбен простор, и кога ми беше кажано дека за нас има стан на првиот кат во државна зграда, јас не верував во тоа што го слушав, бидејќи во годините наназад свикнав да слушам празни ветувања. Но, ете, имало луѓе од мајка родени кои се заангажираа и кои покажаа дека ние со Мартина не сме сами.
Од вчера се вселивме, многу ни е полесно, купатилото го приспособив за Мартина, таа сега има своја соба, радосна е, а планирам да поставам и електрична столица – лифт, со кој ќе може полесно да се симнува и качува. Цената на столицата – лифт е околу 2.000 евра, а во претходниот стан, бидејќи беше на повисоко, ми бараа околу девет илјади евра. Во споредба со скалите кои ни беа предизвик во претходниот стан, ова за мене е најдобар подарок- вели Маги.
За нивната голгота ,,Фокус” пишуваше во повеќе наврати. Мајката раскажуваше како со плачење секојдневно се мачи да го симне и качи девојчето, и бараше помош од државата. Но, сите опции кои и се нуделе не биле прифатливи, бидејќи социјални згради со лифтови немало во Гостивар.
-Да се прилагодиме на новиот дом, и Мартина ќе се врати во дневниот центар. Ова беше нашиот сон, кој ете дочекавме да ни стане јаве. Преблагодарни сме им на сите кои на било каков начин помогнаа, за нас започнува едно ново, поубаво поглавје во животот – ни изјави Милошеска.
Вики Клинчарова