По оставката на Коѕијас, Заев и Ципрас имале телефонски разговор

by Fokus

Телефонски разговор по оставката на Никос Коѕијас имале премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Според портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, и двајцата премиери се согласиле и повториле дека работат на имплементација на Договорот од Преспа.

– Премиерот контактира многу редовно со господинот Заев. Очигледно е дека премиерот на соседната земја нема да ги коментира внатрешните ситуации и внатрешната сцена во Грција, наспроти тоа, се согласија и го повторија она што им е на сите познато дека и двајцата работат за Балкан на 21. век и двајцата работат за имплементација и стапување во сила на Договорот од Преспа, рече Ѕанакопулос во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, според грчкиот весник „Авги“, кој важи за гласник на СИРИЗА, двајцата премиери разговарале за нов Балкан на кој преовладува мир, соработка и солидарност.

Информативниот портал „Ин“, пишува дека Ципрас го информирал Заев за она што се случило околу оставката на Коѕијас и за тоа дека тој лично го презема Министерството за надворешни работи, додека пак македонскиот премиер на неговиот грчки колега му ја пренел ситуацијата во Македонија за гласањето во собранието и позицијата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости