По новите рекордни заразени МЗ со апел: Носете маска, држете растојание и мијте раце

by fokus

По денешните нови рекордни 386 заразени со Ковид – 19, Министерството за здравство повторно упати апел до сите граѓани да бидат одговорни и совесни – да ги почитуваат мерките за заштита од ширење на Ковид-19.

-Носењето на заштитна маска, одржувањето на физичко растојание од два метра и честото миење на раце – одржување хигиена се клучни во борбата со корона вирусот. Ова се единствените мерки кои можат да го спречат ширењето на вирусот. Ова се мерки со кои се заштитува сопственото здравје, но и здравјето на сите околу нас – најблиските, родителите, пријателите, велат од Министерството.

Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера на прес-конференција изјави дека согласно епидемиолошката слика и анализите на Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести, донесена е одлука за препорака до Владата за нови мерки со цел спречување на понатамошно ширење на ковид вирусот.

-Состојбата со вирусот е многу сериозна, токму онака како што со месеци најавувавме дека може да се случи. Европа и светот постепено се затвораат со силни рестриктивни мерки кои е очигледно дека не може да ги избегне ниту една земја. Како ќе се развива состојбата кај нас, во која насока ќе се движиме, колку брзо ќе го стабилизираме и овој удар зависи само од една работа, а тоа е однесувањето на граѓаните и почитувањето на сите мерки и препораки кои се на сила. Потребно е одговорно и совесно однесување за да превенираме пренатрупување на болниците, тоа не смееме да го дозволиме. Воопшто не е тешко и комплицирано да се следат основните правила за заштита. Сега веќе не верувам дека има човек којшто точно не знае како да се заштити себе и другите, сега е само прашање на волја и да се придонесе во битката со вирусот, личната заштита и заштита на сите граѓани, рече Филипче.

Сепак мерките кои ги најави, задолжително носење на маска секаде и примање на најмногу четворица гости наидоа на остри реакции во јавноста.

Поврзани новости