Популарната српска турбо-фолк пејачка Теа Таировиќ завчера во Белград ја започна својата турнеја ,,Нека гори Балканот”, а во склоп на истата е најавен концерт и во Скопје, кој ќе се одржи на 30-ти ноември во Арена Борис Трајковски.
Пејачката која е позната по своето танцување за време на настапите, но и по големиот бакшиш кој го добива, е доста активна со гостувањата во Македонија, како и во целиот регион.
Но, кон крајот на 2022 година, таа беше мета на критики во земјава, откако на социјалните мрежи се појави видео снимка од нејзин настап во Благоевград, Бугарија, каде го промени текстот на песната ,,Македонско девојче”. Наместо ,,Македонско” девојчето стана ,,Бугарско” во променетиот текст, по што следеа бурни јавни реакции од нејзините македонски обожаватели.
По низата на критики, Таировиќ тогаш се огласи со видео порака на Инстаграм, во која појаснуваше зошто го променила текстот на безвременскиот македонски хит, чиј автор е Јонче Христовски, но исто така вети дека на нејзиниот нов албум ќе најде песна за Македонија. -Песната која се вика ,,Македонија” ќе се најде на мојот албум во април годинава. Со неа сакам да ви оддадам почит и благодарност за сета љубов која ја имам од вас.
Во Благоевград, Бугарија, ја пеев песната ,,Македонско девојче”. На настапот имаше и Бугари и Македонци. На крајот на песната, го променив текстот, и тоа значи само љубов! Искажување на почит, бидејќи има и други! Попрецизно, тој дел на текстот го пеев на една девојка во публиката која беше многу убава. Не ме интересираат политичките случувања во било чија земја, ниту во вашата ниту во друга, јас сум позната по тоа што ги спојувам луѓето и ширам љубов преку песните – порача Таировиќ.
Додаде дека песната за Македонија е дело на нејзиниот татко Зоран Таировиќ, кој е познат ликовен уметник во Србија, но исто така е и режисер, композитор, а беше и советник во Владата задолжен за следење и координација на Ромските прашања.
Но, иако ветуваше песна за Македонија, кога го објави новиот албум, а на кој се најдоа 13 песни, композицијата која ја очекуваа нејзините македонски фанови, ја немаше на истиот.
На Инстаграм, повеќе го нема ниту видеото во кое го најави снимањето на песната. Ама затоа пак, на свои наредни настапи кај дијаспората, таа во повеќе наврати пееше македонски песни.
Во 2023 година во Њу Џерси, пред македонска публика таа го вееше знамето на Вергина, ја пееше ,,Лихнида кајче веслаше”, како и ,,Македонско девојче”, а видеото масовно се споделуваше на социјалните мрежи.
Во изминатиот период имаше гостување во Скопје на Светски Ромски бал во организација на Габриел Бајрјам и Сојуз на Ромите, пееше во Прилеп, Скопје, Гевгелија, Куманово… За ноемврискиот концерт во Скопје, влезниците се пуштени во продажба по цени од 700 денари најевтините, па се до 10.000 денари за пакет од четири влезници и шише алкохолен пијалок.
Вики Клинчарова