Речиси две децении поп пејачката Маја Вукичевиќ (49) беше една од најактуелните на домашната музичка сцена, се до 2019 година, кога јавноста ја изненади нејзината одлука да се пресели во Австралија.
Вукичевиќ до денес јавно нема откриено зошто ја напушти земјава, во која остана нејзиниот син Гораст, ниту пак зошто решила да ја прекине музичката кариера.
Дали гласините дека се омажила за наш иселеник се точни, со што се занимава во Австралија и дали планира да се врати во родното Скопје и да продолжи со музика, останаа неодговорени прашања за нејзините обожаватели.
Сега, по четири години од преселбата, таа јавно се огласи и откри дека и нејзиниот син Гораст, кого го доби од првиот брак на 20 години, дошол во Австралија каде ќе ги започнел своите магистерски студии.
„Срцето ми дојде на место, добредојде синко, ти посакувам нов почеток, прекрасни доживувања во уникатната Австралија и среќни магистерски студии. Прв ден во Сиднеј, те сака мама“, порача Вукичевиќ.
Маја ја започна својата кариера како ТВ презентер, а потоа во 1997 година го имаше своето пејачко деби на фестивалот „Охридски трубадури“, со песната ,,Единствен” на Кире Костов и Огнен Неделковски.
Нејзината мајка Милка беше оперска пејачка, па почетокот на музичката кариера на Маја не беше изненадување за оние кои ја познаваа, бидејќи цел живот била опркужена со музика.
Нејзиниот атрактивен изглед, интересните видео записи кои ги снимаше со познати режисери како Дејан Миличевиќ, како и соработката со докажани музички имиња, ја направија препознатлив лик на музичката сцена.
Вики Клинчарова