По надминатиот срам да пријавам семејно насилство, ме убедуваа да се вратам, приказна на млада жена раскажана за УНДП

by Fokus

Млада жена жртва на семејно насилство својата приказна ја раскажува на вработените во Програмата за развој на обединетите нации (УНДП), кои заедно со Министерството за труд и социјална политика работат на отворање на центри за советување и прифатилишта на жртви на семејно насилство.

„Прво си помислив дека е некоја моментална нервозна, агресивна ситуација којашто нема да се повтори, но сè почесто и почесто се повторуваше и на крајот премина во навика. Си мислиш дека еден ден ќе престане, но се лажеш, тоа нема никогаш да престане, само се зголемува и се влошува. И секогаш трпиш сè поголемо и поголемо насилство“, раскажува жената.

Младата жена на возраст од триесетина години вознемирено ги „крцкаше“ прстите на рацете додека раскажуваше за агонијата низ која минувала во изминатите десет години, велат од УНДП.

Од таму додаваат дека таа неколку недели размислувала дали да ја сподели со нив својата приказна за насилството кое го трпела од сопругот.

„Еден ден нѝ се јави и рече дека е подготвена да го стори тоа, бидејќи сака да испрати порака до жените кои се заробени во кафезот на семејното насилство“, објаснуваат од УНДП.

Таа за УНДП раскажува дека насилствотото се случувало постојано и дека само се зголемувало.

„Мислам дека главна причина што го трпев беше тоа што тој конзумираше прекурзори или психотропни супстанци коишто го тераа на секаков вид насилно однесување. При секој негов порок, при секоја потреба за пари, тој
манифестираше насилство“, раскажува жената.

Според она што го споделила со УНДП, жената била виктимизирана и надвор од домот, била исмејувана, оговарана, а на потсмев наишле и дел од обидите да го пријави насилството.

„Не сум задоволна од институциите. Не се доволно обучени, немаат доволно способност да ѝ помогнат на жртвата која тропа на вратата и бара излез, спас, на која ѝ треба помош, и тоа сериозна помош. Дури има и лица кои се исмејуваат директно во лице на жртвата: ‘Ајде утре ќе се вратиш’, ‘Ајде, ајде, оди ќе се смирите’. Те убедува да се вратиш, наместо да ти подаде рака, кога веќе со цел срам си се охрабрила да одиш и да пријавиш“, раскажува таа на активистите на УНДП.

Од УНДП велат дека оваа жена е една од илјадниците во Северна Македонија кои трпат родово – базирано насилство.

“Според официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи лани се регистрирани 1.117 кривични дела поврзани со семејно насилство што е 6% повеќе во споредба со 2021 година. Најчести кривични дела се телесна повреда и загрозување на сигурноста. Лани насилството во домот завршило со седум убиства и два обиди за убиство. Најчесто сторител е сопругот во 474 случаи, потоа следуваат синовите во 171 случај и вонбрачните партнери во 119 случаи“, објаснуваат од УНДП.

Од УНДП велат дека точната бројка жртви на семејно насилство никој не ја знае.

„Во руралните средини претежно жената не пријавува. Тука сè уште важат тие патријархални, традиционални норми коишто ја спречуваат, а и срамот од средината има влијание. Најчесто ако има насилство, тоа се сокрива. На пример, дека жената паднала по скали, се случило нешто друго, само не насилство“, вели Иванка Ризовска Соколова од здружението „Женска акција“.

Таа е раководителка на првиот центар за поддршка на жени жртви на семејно и родово базирано насилство кој ја покрива територијата на општините Радовиш и Конче. Центарот е отворен во декември лани, во рамки на проектот „Пост-КОВИД: Општините како двигатели на одржливиот развој“, кој Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП го спроведува со поддршка на Бирото за регионален развој.

„Честопати, особено во помалите средини се мисли дека тоа не е наш проблем, дека не треба да се мешаме во проблемот на едно семејство. Насилството е проблем на целото општество, не само на жртвата, бидејќи многу често тука се и децата кои трпат секундарно насилство, кои се индиректни жртви, и тоа се одразува на нивната психо-социјална состојба“, Ризовска Соколова

Во Куманово, општината со најголем број жители во Северна Македонија, од септември лани функционира советувалиштето за жртви на родово – базирано и семејно насилство „Комфор зона за жени“. Тоа е отворено преку  проектот „Регионална програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD 2“, кој УНДП го спроведува со поддршка на Европската Унија. Во советувалиштето досега поддршка побарале 33 жени.

Од УНДП велат дека помаат државата да го оствари минималниот стандард на Истанбулската конвенција, кој
предвидува едно советувалиште на секои 50.000 жители.

Министерството за труд и социјална политика во моментов има воспоставено десет специјализирани советувалишта за жени жртви на насилство и семејно насилство и осум специјализирани советувалишта за психо-социјален третман за сторители на семејно насилство.

 

Поврзани новости