По Митев, и Адријана Кеш го откажа настапот организиран од СДСМ: Пеам на народни собири, а не на партиски настани!

by fokus

Откако популарниот фолк музичар Јордан Митев го откажа своето учество на настанот ,,Традиционален пикник Пеленица”, организиран од Општинската организација на СДСМ Кисела Вода, бидејќи не пеел на настани одбележани со партиски симболи, се огласи и неговата колешка Адријана Кеш.

И таа беше најавена помеѓу музичките гости на настанот кој ќе се одржи по повод Денот на независноста на Македонија, Осми Септември, и како што истакна, го откажува своето учество, бидејќи пеела на народни собири, но не и на партиски настапи.

-Сакам да се обратам во врска со настанот кој треба да се одржи на Осми Септември. Во тек на договорот никој не спомна дека ова ќе биде партиски поврзано. Рекламниот плакат каде ги има деталите за организацијата го добив утрово…

Не сум партиски определена, ниту ќе бидам некогаш. Поради тоа, јавно се откажувам од овој настап, за кој уште еднаш ќе кажам, требаше да биде народен собир, а не партиски настап! – порача пејачката.

Покрај Кеш и Митев, како музички гости се најавени и Сања Барби, Тања и Новица Василевски, Благоја Грујовски и други.

Вики Клинчарова

Поврзани новости