Писателот Блаже Миневски вчера соопшти дека ја повлекува кандидатурата за претседател на ДПМ.
-Поради непроменетата состојба во врска со избирачкиот список, начинот на (не)информирање на членството и неисплатените патни трошоци на членовите од внатрешноста што присуствуваа на Вонредното собрание, како и поради информациите во врска со нелегитимноста на изборните процеси и раководењето на ДПМ што се појавија во јавноста, ја повлекувам мојата кандидатура за претседател на ДПМ и нема да присуствувам на закажаното продолжување на вонредното Изборно собрание на Друштвото, посочи Миневски.
Тој рече дека во изминатите два месеца, од 25 ноември минатата година не е направено ништо за Вонредното изборно собрание да бидат известени оние 65-мина од 285-те члена на ДПМ, кои немаат електронски адреси и не добиваат ниту покана, ниту материјали за учество во работата на Собранието.
– Актуелното (не)легитимно раководство не предложи решение ниту за 29-те члена на ДПМ што живеат во странство, кои, ако веќе не можат да гласаат електронски, барем да не влегуваат во списокот за кворум, односно да се евидентираат и да гласаат само доколку физички се присутни на седницата. Не покажа коректен однос дури ни кон членовите со најдолг стаж во ДПМ, меѓу кои и класици на современата македонска книжевност, со тоа што не ги консултира дали се во можност физички да присуствуваат на седниците на Собранието или пак да се изнајде начин како да бидат вклучени во работата на највисокото тело на македонската писателска асоцијација – посочи Миневски.
Додава дека Писателската асоцијација на Македонија за првпат во своите 77 години се наоѓа на чекор од самоукинување.
Денеска и Иван Антоновски преку соопштение информираше дека ја повлекува кандидатурата за претседател на Друштвото на писатели на Македонија.
Во продолжение, обраќањето на Антоновски:
„Почитувани македонски писатели, драги колеги, членови на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ),
Ве известувам дека ја повлекувам мојата кандидатура за претседател на Собранието на ДПМ. Во актуелните околности и новонастанатите состојби, сметам дека ова е единствениот исправен чекор, и за доброто на ДПМ, и за заштита и на човечкото, и на авторското достоинство на македонскиот писател и неговото дело!
По јавно достапните информации дека според важечката регулатива, позицијата претседател на Собранието на ДПМ, правно, воопшто и не постои, искрено, бев во дилема дали е потребно повлекување на кандидатура за правно непостоечка позиција. Сепак, сметам дека имам морална обврска да се обратам до вас и да ве известам дека и формално го преземам овој чекор, затоа што ставовите и програмските определби од мојата кандидатура, всушност, беа одраз на тоа што голем дел од членството го чувствува и го изрази како потреба. Верувам дека потребата од заложби за модернизација и транформација на македонската писателска асоцијација и натаму е силна, иако, по сето она што го посведочивме во овој период, јасно е дека патот ќе биде уште подолг и потежок.
Со формалното повлекување на кандидатурата чувствувам обврска и се надевам дека на овој начин ќе успеам да спречам заедничките заложби за консолидација на ДПМ да бидат вовлечени во евентуални натамошни случувања што би немале правен легитимитет и дополнително би му наштетиле на Друштвото, а тоа, верувам, дека не сакаме да си го дозволиме. Затоа што заложбите беа и се за нов систем на вредности, а не за продлабочување на веќе постоечките проблеми.
И покрај сè, сакам да верувам дека ДПМ може да излезе од ќорсокакот во кој се наоѓа, а дали тоа ќе се случи зависи од секој од нас – членовите на ДПМ!“.