По милионскиот договор на „Лотарија“ за закуп, на ред е поништување на лиценците за онлајн игри на среќа!

Владата пред 2 месеци одзеде лиценци на 2 фирми за приредување на игри на среќа бидејќи не ги плаќале давачките, а следната недела, според информации на „Фокус“, истото треба да се случи со приредувачите на интернет игри на среќа, откако веќе помина автентичното толкување на Законот за игри на среќа во Собранието.

by Фокус

Откако Владата одлучи да го раскине милионскиот договор на „Државна лотарија“ за закуп склучен со фирма на син на опозициски пратеник, се најавува заокружување и на процесот за одземање на лиценците на приредувачите на онлајн игри на среќа или популарно кажано – онлајн казина. Според информации на „Фокус“, оваа одлука треба да се донесе на владина седница во вторник, следната недела.

Основа за ваквата одлука е автентичното толкување на Законот за игри на среќа, кое веќе беше усвоено од страна на парламентарното мнозинство. Станува збор за автентично толкување на ставовите 2,3 и 4 од членот 7, од кое всушност произледува дека „Лотарија“ може да приредува интернет и електронски игри на среќа самостојно или преку едно трговско друштво каде би имала мнозински пакет, а не да формира повеќе друштва, како што впрочем се случи пред промена на власта.

Одредбата од ставот (3) на членот 7 од законот треба да се толкува така што приредувањето на електронските и интернет игри на среќа може да се врши само од едно трговско друштво предвидено во ставот (2) на овој член. Трговското друштво од ставот (2) на овој член, приредувањето на електронските и интернет игри на среќа може да го врши само или заедно со други приредувачи кои не можат да имаат повеќе од 49% учество во основната главнина во тоа друштво. Интернет игрите на среќа се приредуваат врз основа на лиценца за приредување на интернет игри на среќа согласно со овој закон“, стои во автентичното толкување.

Претходно, од страна на Владата беше издадено мислење, со кое се констатира дека е „истечен временскиот рок во кој трговското друштво за приредување на игри на среќа во кое државата е содружник или акционер со најмалку 51 отсто од основната главнина имаше право да ги приредува игрите на среќа“. На тој начин, се прави правна подлога за одземање на лиценците за интернет игри на среќа, што извесен период наназад и јавно го најаваат највисоки владини функционери.

На последната седница на Владата беше донесена одлука за раскинување на договорот за објектот кој беше закупен со енормни суми, каде се инволвирани високи функционери на поранешната власт. Исто така, уште 2 точки мора да поминат на следната седница на влада, на која ќе се донесе одлука за укинување на онлајн-казината, а ќе се објави војна на бизнисот со казина кои работат на црно, нелегално, што е околу 50 отсто од тој бизнис – изјави вчера првиот вицепремиер Изет Меџити.

Тој доаѓа од албанската владејачка коалиција ВЛЕН, од каде соопштија дека завршува ерата на онлајн игрите на среќа. Воедно, од таму велат дека нивниот план за справување со последиците од игрите на среќа предвидува судска постапка за злоупотреба на службените позиции и овластувања на сите кои учествувале во носење незаконски одлуки поврзани со игри на среќа, намалување на бројот на објекти за коцкање за најмалку 50 отсто, како и целосно нов закон за игри на среќа.

Кога се говори за интернет игрите на среќа, се мисли на 3 компании формирани за приредување на ваков тип на игри на среќа – „77 битс“, „Весув“ и „Моцарт“, каде државното акционерско друштво има 51 отсто од сопственоста, додека приватните компании од Бугарија, Србија и Црна Гора како косопственици поседуваат 49 проценти. Во меѓувреме, формирањето на овие компании е под истрага, исто како и договорот на „Лотарија“ за закуп на објект во Визбегово со фирмата „Хеј“, кој Владата одлучи да го раскине.

МИЛИОНСКИ ДОГОВОР И КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ

Се работи за објект со 4 ката и поткровје, лоциран на 7 километри од центарот на Скопје. Првично, друштвото „Хеј“ го купило земјиштето и објектот, а набрзо потоа склучило договор за закуп со „Лотарија“ за 2,6 милиони евра за период од 10 години, односно за месечна кирија од околу 22.000 евра. Моментално, сопственик на фирмата е Асмир Јахоски, газда на нафтената компанија Пуцко Петрол“. Патем, тој е син на Исмаил Јахоски, актуелен пратеник на ДУИ.

Помладиот Јахоски станал сопственик на „Хеј“ лани во октомври. Претходно, компанијата била во сопственост на Армин Машовиќ, кој по промената во сопственичката структура станал управител на друштвото формирано во февруари 2023 година. За период од неколку месеци, Машовиќ ја формирал „Хеј“, ги купил деловните простории во поранешниот ресторан за свадби „Фестина“ и потоа склучил договор со „Државна лотарија“ за закуп за сума од над 2,6 милиони евра.

Тогаш, директор на Лотарија беше Перпарим Бајрами, кој од страна на тогашната опозиција на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, која по последните избори стана власт, се посочуваше како близок соработник на поранешниот вицепремиер Артан Груби. Според финансискиот извештај доставен до Централниот регистар, „Хеј“ ланската 2023 година ја завршила со приход од над 30 милиони денари, од кои како чиста добивка останале цели 25 милиони денари. Фирмата имала само еден вработен.

Седиштето на фирмата се наоѓа во Карпош, во зграда на Партизанска која е во сопственост на „Пуцко Петрол“. На иста адреса се и фирмите на Куштрим Смајлај, зет на лидерот на ДУИ Али Ахмети. Една од нив е К.С.А. Интернационал“. Своевремено, партнер на Смајлајл му беше Ерџан Сулкоски, кој пак е партнер со Ратко Капушевски во „РКМ“, преку која одеше милионска набавка на мазут за „ТЕЦ Неготино“.

Владата го раскинува милионскиот договор на Лотарија со фирма на Јахоски за објект во Визбегово!

Еден ден откако Владата одлучи да го раскине договорот меѓу компанијата „Хеј“ и државната лотарија, премиерот Христијан Мицкоски рече дека киријата што „Лотарија“ ја плаќала на компанијата е 3 пати поголема од цената што ја одредува пазарот. Тој истакна дека раскинатиот договор е основа за кривична одговорност и дека постојат сериозни сомнежи за криминал од страна на претходната власт.

Не само што е раскинат, туку е основа за покренување на кривична постапка и кривична одговорност за надлежните, бидејќи е потпишан по цена која не е пазарна, туку дури 3 пати поголема од пазарната. И не само тоа, туку предвидени се и трошоци за реновирање. Оној дел што е предвиден од околу 2,28 милиони евра за киријата е само еден дел од договорот, има некаде 1,7-1,8 милиони евра кои се предвидени за реконструкција, бидејќи тој претходно се користел за семејни прослави и друг тип на забава – рече Мицкоски.

Тој порача дека на владина седница ќе биде завршена цела процедура. Одговарајќи на новинарско прашање, додаде дека сите партиски донатори коишто официјално и неофицијално биле блиски со претходната влада на СДСМ и ДУИ, и за кои, како што рече, постоело и се уште постои основано сомнение за сторен криминал и корупција од „епски размени“, ќе бидат, нагласува тој – минато.

Поради некои делови кои што треба да се доработат ќе биде на дневен ред на генерален колегиум и очекувам до крајот на оваа недела или веќе на следната владина во вторник и тоа да биде раскинато. Со ова, сите партиски донатори кои што официјално и неофицијално беа блиски со претходната влада на СДСМ и ДУИ, за кои што постоеше основано сомнение и се уште постои основано сомнение за сторен криминал и корупција од епски размери ќе бидат минато и конечно ќе можат граѓаните да бидат мирни дека владее правото кај нас – изјави тој.

ОДЗЕМЕНИ ЛИЦЕНЦИ И НАЈАВИ НОВ ЗАКОН

За потсетување, во јули годинава, на предлог на Министерството за финансии, Владата одзеде лиценци на 2 фирми за приредување на игри на среќа – една од Струмица и друга од Скопје. Како што информираше тогаш министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, кај двете друштва е констатирано дека не ги почитувале законските обврски што се однесуваат на поседување на лиценца, односно не се платени давачките согласно Законот за приредување на игри на среќа и согласно Законот за данок на личен доход.

Меѓу нив се посебните давачки како и данок на личен доход од исплатени добивки на игри на среќа. Министерството за финансии иницираше постапката откако од УЈП се доби известување за извршената надворешна контрола над овие друштва, а Министерството во неколку наврати уште минатата година имаше поднесено барање за контроли, но дури сега, кога имаме нова директорка, добивме одговор. Согласно доставената документација од УЈП, а согласно надворешната контрола е констатирано дека за едно од друштвата не се платени давачки од јули 2022 година – изјави Димитриеска.

Според неа, и покрај тоа што од Министерството за финансии уште минатата година, односно во јули 2023 година е укажано дека постојат неправилности во нивното работење, од УЈП како надлежна институција не било постапено. Министерството за финансии ги испратило предметите за двете друштва до Финансиската полиција и до МВР, кои утврдуваат дали и во колкав обем е оштетена државата од незаконското работење на друштвата за игри на среќа.

До надлежните органи е доставено барање за преиспитување на законитоста на приредување на интернет игри на среќа во делот на исполнување на условите и поседувањето на лиценците на ваквите друштва и на друштвата кој приредуваат интернет игри на среќа. Ако се увидат неправилности, соодветно ќе се постапува – додаде министерката за финансии, која уште пред 2 месеци практично најави дека ќе се проверуваат и лиценците и работењето и на друштвата што приредуваат интернет игри на среќа.

Веднаш потоа, Јавното обвинителство информираше дека оформи предмет и започна постапка за проверка на информациите за незаконско издавање на лиценци за приредување игри на среќа од страна на „Лотарија“. Дополнително, под истрагаа падна и формирањето на трите нови компании за организација на коцкање на интернет и договорот за закуп на објект Визбегово. На крајот, истражители ја „чешлаат“ целата документација поврзана со објавените огласи, тендери, склучени договори, но и секоја друга документација поврзана со јавните набавки.

Долги години наназад, секторот за игри на среќа ја сензибилизира јавноста. Од една страна, граѓански движења се залагаат за затворање на објектите за игри на среќа, додека приредувачите сметаат дека на тој начин ќе се лиши државата од приходи и ќе се стимулира организација на игри на среќа на црно. Пред последните избори, власта на СДСМ и ДУИ предложи и изгласа закон со кој се забрануваат објекти близу училишта и верски објекти, но експретседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот, а законот во втор обид не ги доби потребните гласови.

После изборите, пак, ДУИ повторно предложи законско решение, но овојпат многу поригорозно, со оглед дека тоа предвидуваше целосно затворање на казината и нивно дислоцирање во хотели. Сепак, овој закон не го доби потребното мнозинство, односно парламентарното мнозинство одлучи да го истурка автентичното толкување на постоечкиот закон. Истовремено, од таму најавуваат нов закон на игри на среќа, со кој, како што велат, ќе се ограничат штетните активности и ќе се овозможи строго регулирање на оваа индустрија.

Влатко Стојановски

Поврзани новости