Поднесувам оставка во знак на протест против одлуката на ЕЗ, со која ѝ е нанесена голема неправда на Република Македонија. Луѓето од Заедницата со кои бев во контакт и воспоставив нужно и некаков личен однос, не опстоија на дадениот збор, дека за името нема да одлучуваат без наша согласност. Тоа го тврдеа до последен момент, за на крајот да го погазат зборот. Затоа потребен е нов човек на ова место, кој ќе ја продолжи борбата за демократските вредности на Европа. Вредности што на малите народи им создаваат шанси да живеат во мир, просперитет и достоинство.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
Во првиот дел од мојот говор пред пратениците на македонскиот парламент, полн сум со идеализам. Се повикувам на принципите на правото и правдата како и оние на ЕЗ.
Објаснувам како секогаш сме се држеле до принципите на нова Европа, но дека тоа не го сторило водството на ЕЗ, кое ги занемарило тие принципи и „попуштила пред притисокот на една своја земја-членка“.
Обвинувајќи ги дека не сакале да ја слушнат нашата вистина, „Грција и ЕЗ, меѓу живите луѓе (Македонците и другите во Република Македонија) и античките маски на кои Грција положува право, се определија за вториве.
Останаа глуви на нашата аргументација дека има повеќе вистини за Македонија, една од кои е и нашата, на луѓе кои денес живеат на територијата на Македонија, на Македонците.
Така, не успевајќи да му се спротистави на шовинизмот во сопствените редови, Заедницата, од едно свое заседание до друго, ѝ правеше отстапки на Грција.
Тоа што беше чиста позиција за признавање, според мислењето на Бадинтеровата комисија, се трансформира во „нужност околу името да се согласат сите заинтересирани страни“, за, на крајот, да се издиктира дека зборот „Македонија“ не треба да стои во името на нашата држава.
Фактот дека никој не беше особено импресиониран од грчката аргументација во текот на целиот овој процес во кој Заедницата бараше аргументи, укажува на тоа дека во завршниот дел беше користена „аргументацијата“, која немаше врска со начелото на правдата и правичноста.
Претставник на дванаесеттемина ми рече дека е вчудовиден од сознанието дека за Грција, Македонија е истото што Газиместан е за Србија. Можеби е така и веројатно паралелата не е случајна, но тоа само го потврдува фактот дека соочена со национализмот во своите редови, Заедницата не смогна сили да му се спротивстави.
Национализмот, шовинизмот и ксенофобијата ја добија битката меѓу дванаесеттемина. А тие, сѐ уште не се свесни дека кој сади тикви со националистите, од глава ќе му се скршат. Толку за ова. Немам намера да се задржувам на она што сме го оствариле ние од наша страна, затоа што е познато.
ОДБИВАМ УЛТИМАТУМ
Би се осврнал накратко на оние што наоѓаат крупни дефекти во надворешната политика и во методот на нашата дипломатија, ако воопшто може да се каже така за еден незаокружен систем.
На критичарите за наивноста и идеализмот на нашата надворешна политика, која се определи за дијалог и почитување на демократските принципи, заборавајќи на „други средства“, им одговарам: наивен е тој што не разбира дека другите држави се подобри од нас во употреба на „други средства“, а потврда за ова е последната „победа“ во ЕЗ.
На критичарите, пак, што тврдат дека сета наша активност сме ја свртеле кон Заедницата, им одговарам: и во ова време на критика на Заедницата, не треба ни за момент да заборавиме дека клучот за европските проблеми е во Европа. И дека центарот на економската и политичката моќ во светот се Европа и САД.
Жалам само што немавме доволно артилерија, дипломатска се разбира, да се нападнат овие тврдини.
Но, ако тоа нешто ви кажува, ќе ви речам дека од првата до последната земја во светот со која сме контактирале околу нашето признавање, сите ни одговориле дека ја чекаат одлуката на ЕЗ.
На критичарите што тврдат дека оваа дипломатска ориентација била некооперативна и тврда во односите со Грција, особено по прашањето за името, им велам: од самиот почеток на кризата во Југославија, сметаме дека сите спорни прашања треба да се стават на маса, и да се слушнат аргументите на двете страни.
Меѓутоа, грчкиот ултиматум да се избрише зборот „Македонија“ од името на државата пред воопшто да се разговара оневозможи посредничката мисија на Португалија да отпочне, а уште помалку да се остварат директни средби на кои ние инсистираме. Јас сум човек на компромис, но одбивам ултиматум.
На критичарите што велат дека декларацијата од Лисабон е пораз на македонската надворешна политика, им одговарам: Да, па што? Вие можеби очекувате чисти победи?
Од ова тешко искуство научив едно: победа е секогаш кога по пораз ќе соберете сили одново да застанете на нозе. Најдобрите луѓе во Македонија, во овие околности, можат само тоа да ви го ветат.
Што сега? Како прво, од оваа, и од идните битки за опстанок и достоинство треба да научиме да губиме. Да научиме да живееме и со порази, па дури од нив да излегуваме посилни и поумни. За почеток, добро да се погледнеме такви какви што сме и да настојуваме да бидеме подобри, каде што е тоа можно.
Живееме во време кога само вистината може да ни помогне. Ова е мала држава од нешто повеќе од два милиони луѓе, имаме слаба економија, имаме слаби демократски традиции, меѓуетничките односи не ни се сосема во ред, на почеток сме од градење на нашите демократски институции, имаме соседи чие однесување е од не сосема пријателско до отворено непријателско, немаме излез на море, немаме голем пријател кој би се залагал за нас…
Значи, нашата „специфична тежина“ во меѓународните односи е таква што мораме да научиме да трпиме порази. Дури и кога сме во право! Всушност, мислам дека нашата шанса да опстанеме е во способноста да истрпиме мирно, достоинствено и со многу, многу мудрост на секој поединец.
Ова не се само празни зборови. Треба да го ископаме најдоброто во секој од нас за да опстанеме. Ако тоа не го сториме и ако не ја сочуваме ладнокрвноста, можно е да потонеме во хаос и во војна, со што би се згрозил физичкиот опстанок на овој народ.
Видовме какви се размерите на убивањето и раселувањето во Хрватска и во Босна. Доколку такво нешто би ни се случило тука, овој мал народ не би можел да го преживее тоа. Ако, пак, нечија цел, со одолжувањето на признавањето е токму тоа – ете уште еден тежок аргумент да истрпиме.
МАКЕДОНИЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ
Размислувајќи за иднината на Македонија, имам впечаток како сета историја да се згустила во овие изминати месеци. Од тоа згуснато искуство избива една проста и јасна порака, која во критичните моменти од минатото ја осознавале луѓето што живееле на овие простори пред нас. Таа порака е дека можеме да опстанеме само ако ја сочуваме својата самостојност.
„Македонија на Македонците“ е порака со симболично значење, која и во минатото и денес ги обединува граѓаните на оваа територија, без оглед на нивната национална припадност. Пораката која има и актуелна содржина, уште значи: спасител од страна – да не чекаме. Дали затоа што нашите соседи се зли луѓе?
Не. Напросто затоа што тие имаат сопствени државни интереси, кои се посилни од секаква љубов кон Македонија.
Имено, безбедносните, политичките и економските последици по државните интереси на соседните земји, кои би се јавиле кога некој би се обидел да ја смени географијата, може да предизвика воен судир.
Оттука, признавањето на постоечките граници на Република Македонија од страна на ЕЗ и САД е воедно и обврска да ја сочуваме Македонија. Таа обврска произлегува од проценката дека какви било промени на границите може да предизвика воен судир на целово подрачје.
Затоа мора да се свртиме кон сето она што ќе нѐ обедини. А што е тоа што може да ги обедини различните политички сили во земјата? Ќе рече некој дека е тоа идеализам или дека сонувам, но јас ќе кажам: нема поубава глетка од здрави, весели, убаво облечени, сити и воспитани деца.
Убава е и глетката на достоинствени стари луѓе што ги почитуваме. Може ли да се впрегнеме во заеднички напор за создавање слободно општество на среќна младост и достоинствена старост?
Имаме ли мудрост, трпение и волја да работиме кон една таква цел, независно од тешкотиите денес и утре? Или, пак, ќе подлегнеме на очајот и шовинизмот, предизвикан од чинот на непризнавањето?
Се разбира, признавањето е од исклучителна важност за нашиот опстанок. Нам ни се потребни европските и светските политички и финансиски институции, за да зачекориме посмело во модернизација и приватизација на нашата економија и изградба на нашите демократски институции.
Меѓутоа, пред сѐ, работите зависат од нас самите. Затоа, ако со право очекуваме помош од тие институции, треба, сепак, да сме свесни дека никој не може да нѐ спаси од нас самите.
Од нашите заблуди, од нашата традиционална комоција, од омразата што некогаш ја криеме кон луѓе од друга вера или националност… А најмалку може некој да ни помогне ако дома надвладеат силите на војната и на демагогијата.
ОСТАВКА – СПАС!
Поднесувам оставка во знак на протест против одлуката на ЕЗ, со која ѝ е нанесена голема неправда на Република Македонија. Луѓето од Заедницата со кои бев во контакт и воспоставив нужно и некаков личен однос, не опстоија на дадениот збор, дека за името нема да одлучуваат без наша согласност. Тоа го тврдеа до последен момент, за на крајот да го погазат зборот.
Затоа потребен е нов човек на ова место, кој ќе ја продолжи борбата за демократските вредности на Европа. Вредности што на малите народи им создаваат шанси да живеат во мир, просперитет и достоинство“.
Обраќањето до пратениците заврши. Додека зборував, имав впечаток дека моите зборови се одбиваа од аудиториумот и како тешки топки ми се удираа од главата.
Не бев сигурен дека ме разбираат зашто ми се има случено половина парламент да се смее на моите зборови дека „Се плашам за Македонија“. Се плаши, ха, ха, ха…
Но, овојпат, тоа беше само впечаток оти подоцна слушнав зборови на поддршка и разбирање, како тие кажани од пратениците Алити, Превала, Алиу, Мурати, Зибери, Гошев, Киро Поповски и други.
Вo обидот да ги затнам ушите пред налетот на жестоката критика од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, стутулен во неудобното седиште на стариот парламент, со меко седало и тврд вертикално исправен заден дел, настојував да ги свртам мислите во друга насока.
Но, неумерените и неретко навредливи зборови, сепак, продираа во мојот мозок. На една констатација на пратеничката Доста Димовска дури успеав и да се поднасмеам кисело: „Нема мали држави, има само мали министри за надворешни работи!“.
Издржи само уште малку, се тешев. Да заврши седницата и ти си одново слободен човек. Оставка – спас!
(Продолжува)