По Лена, Мијалковски се враќа во Валандово со Илина!

by fokus

Драган Мијалковски кој во 1989 година со хитот ,,Дојди Лено на перниче бело” на некој начин го одбележа фолк фестивалот ,,Валандово” повторно, по долги години пауза се враќа на истиот. Песната за Лена веќе со децении е евергрин кој редовно се врти во етерот, а најавеното учество на Драган на фестивалот, публиката го очекува со нетрпение.

На 34-то издание на Фолк Фест – Валандово 2019, тој ќе настапи седми по ред, со песната ,,Илина”. Фестивалот ќе се одржи на 30-ти и 31-ви мај, а втората вечер е од натпреварувачки карактер. Љубителите на новосоздадената македонска народна песна со радост ја дочекаа веста дека Мијалковски се враќа на сцената во Валандово.

Почетоците на естрадата на Драган датираат речиси од пред пет децении. Познат е како одличен вокал, кој освен македонска, беше и позната југословенска ѕвезда која пееше пред преполни сали во републиките на поранешна Југославија. Беше победник на многу домашни и меѓународни фестивали, а кариерата започнал да ја гради дури откако се оженил, пред да наполни 20 години.

Во интервју од пред неколку години раскажа дека додека неговите колеги ги трошеле заработените хонорари како џепарлак, тој со истите купувал храна и облека за двете деца, ќерката Билјана и синот Дарко, кои ги добил доста млад. Во минатото, авторите воделе ,,битка” токму тој да ги пее нивните песни на фестивалите, бидејќи на некој начин бил гаранција за успех. Покрај Мијалковски, на годинашниот фестивал ќе настапат и Благоја Грујовски, Зуица Лазова, Душко Гергиевски, група Академци и многу други.

Вики Клинчарова

Поврзани новости