Македонци кои живеат и работат во Австралија започнаа онлајн петиција, адресирана до парламентот во Австралија, со која бараат признавање на земјава под името Македонија. Петицијата ја споделуваат на социјалните мрежи наши иселеници, но и познати фолк пејачи од земјава кои имаат редовни турнеји во Австралија, апелирајќи што е можно повеќе граѓани да ја потпишат.
-Австралија ја препознава Република Македонија како ФИРОМ. Вели дека тој став е во согласност со терминологијата на ОН. Сепак, 140 членови на ОН ја препознаваат Македонија според историското име – наведено е во петицијата со која се бара и Австралија да го следи примерот на Русија, Кина, Обединетото Кралство, САД, Канада и други, и да ја признае Македонија според уставното име.
Пред неколку дена македонци во Австралија протестираа против промена на името. На протестите неколку демонстранти ја запалија сликата на премиерот Зоран Заев, смеејќи се и пеејќи ја песната ,,Оган да го гори’’.
Нивните протести наидоаа на многу критики на социјалните мрежи, помеѓу кои најчестите се зошто досега од Австралија, каде што живеат, работат и плаќаат даноци, не иницирале признавање на Македонија под уставното име, но и како не треба да се мешаат во внатрешите работи на земја од која се отселиле, а во која голем дел од нив не планираат ниту некогаш да се вратат, освен на летување.
Вики Клинчарова